Платформата за родова еднаквост бара независна и темелна стручна истрага за случајот со 19-годишната родилка Станка Михајлова од Струмица, која по породување со царски рез се соочува со сериозни здравствени последици и моментално е во инвалидска количка.
„Изразуваме поддршка за Станка и нејзиното семејство во овој исклучително тежок период и апелираме нејзините права, достоинство и здравје да бидат ставени во центарот на сите постапки. Бараме надлежните институции да обезбедат целосно независна, транспарентна и темелна стручна постапка за утврдување на сите околности поврзани со случајот. Истовремено, апелираме до сите вклучени институции и здравствени работници да обезбедат почитување на достоинството, правата и безбедноста на пациентката во текот на целиот процес“, велат од Платформата.
Од таму додаваат дека особено е важно младата мајка да не биде изложена на било каков притисок, заплашување или влијание при давањето изјави и споделувањето на своите искуства. Велат дека неопходно е нејзините изјави да бидат дадени слободно, независно и без притисоци, а нејзината здравствена состојба и најдобар интерес да бидат во фокусот на сите постапки.
„Ги повикуваме институциите да постапуваат со највисоко ниво на професионалност, одговорност и емпатија, имајќи предвид дека станува збор за млада жена и мајка која се соочува со сериозна животна ситуација и потреба од соодветна медицинска, психолошка и институционална поддршка. Веруваме дека секоја жена има право на безбедна здравствена грижа,за време на бременоста и породувањето, како и почитување на нејзините права и пристап до правда и вистина. Очекуваме надлежните органи да обезбедат целосно, непристрасно и транспарентно расветлување на случајот, со цел да се заштитат правата на пациентката и да се зачува довербата во институциите“, се наведува во соопштението.
19-годишната девојка по породувањето со царски рез во струмичката болница и аплицирана спинална анестезија ја изгубила подвижноста во нозете и развила параплегија, по што нејзиното семејство јавно обвини за лекарска грешка и несоодветен третман. Таа итно била префрлена прво во Клиничката болница во Штип, а потоа на Клиниката за неврологија во Скопје на дополнителни истражувања.
Текстот Независна и темелна стручна истрага за случајот со 19-годишната родилка бара Платформата за родова еднаквост е превземен од МАКФАКС.






