Џани Инфантино се извини за грешките поврзани со контроверзниот план дел од натпреварувањата под капата на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) да им се продаде на приватни инвеститори, но ќе остане претседател на светската фудбалска организација, откако доби поддршка од највисокото раководство на состанокот во Рабат, Мароко.
По сè погласните критики за неговата идеја – од која, според медиумите, во меѓувреме се откажал – Инфантино свика состанок на Управниот одбор на ФИФА во седиштето на организацијата во Африка, во мароканскиот главен град Рабат.
По четиричасовната седница, Управниот одбор објави соопштение во кое повторно му даде целосна поддршка на Инфантино.
Пред состанокот, Инфантино беше изложен на остри критики поради предлогот за приватизација на натпреварувањата под капата на ФИФА, особено на Светското првенство.
Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) се закани дека ќе го бојкотира следното Светско првенство доколку планот биде усвоен, а критики упатија и други континентални конфедерации.
Неколку национални фудбалски сојузи ја повлекоа претходната поддршка за Инфантино пред изборите за претседател на ФИФА, закажани за март следната година.
Незадоволство имаше и во самата ФИФА. Генералниот секретар Матијас Графстром, кој присуствуваше на состанокот во Рабат, во интерна порака до вработените напиша дека станува збор за „тажен развој на настаните што бара преиспитување“.
Сепак, по состанокот, Графстром и Управниот одбор во официјалното соопштение повторно ја потврдија целосната поддршка за Инфантино.
Инфантино и Графстром испратиле заедничко писмо до потпретседателите на ФИФА, Советот и сите 211 национални федерации, во кое наведуваат дека „искрено се извинуваат“ за направените грешки и се обврзуваат тие да не се повторат.
Двајцата подоцна беа фотографирани заедно на натпревар од Африканскиот куп на нации за жени во Рабат.
Според наводите, Инфантино им понудил на националните федерации по 40 милиони долари доколку го поддржат предлогот приватен капитал да влезе во турнирите преку новата компанија FIFA Forward Enterprise (FFE).
Во соопштението ФИФА признава дека биле направени грешки во врска со FFE.
„Не беше намера Советот на ФИФА и членките да се чувствуваат исклучени од процесот, кој требаше да биде воден поинаку“, се наведува во соопштението.
Раководството признава дека грешки биле направени и откако предлогот протече во медиумите. Весникот „Тајмс“ прв објави за планот на Инфантино на 28 јули.
Во истото соопштение, ФИФА порача дека повеќе нема да толерира „напади врз својот интегритет, доброто управување и правичното работење“ и дека ќе ги преземе сите неопходни мерки за да ги заштити своето име и углед.
ФИФА претходно ги демантираше и наводите на „Тајмс“ дека Инфантино му ветил на Мароко дека ќе биде домаќин на финалето на Светското првенство во 2030 година во замена за поддршка.
Од ФИФА тие тврдења ги оценија како „лажни и доведуваат во заблуда“ и посочија дека одлуката каде ќе се одигра финалето, со оглед дека домаќини на турнирот ќе бидат и Шпанија и Португалија, ќе биде донесена навреме. Извор: Би-би-си спорт.






