По неколку години исполнети со фестивалски настапи, музички соработки и постепено градење на својата кариера, Ана Петан го претстави својот прв студиски албум насловен „Само љубов постои“.
Дебитантското издание е објавено за Croatia Records и веќе е достапно на сите дигитални музички платформи, а воедно претставува и нејзин прв целосен музички исчекор кон хрватската публика.
Албумот содржи вкупно десет песни, преку кои Ана го заокружува досегашниот дел од својот музички пат и го претставува правецот во кој сака да ја развива својата кариера.
Меѓу песните се наоѓа и „Љубовта секогаш победува“, композиција со која Ана настапи на меѓународниот фестивал „Бисер Јадрана“ и ја освои наградата за најдобра интерпретација.
На изданието се вклучени и хрватските верзии на песните „Балада за ангел“ и „Со тебе до ѕвездите“, кои претходно беа објавени на македонски јазик. За двете композиции веќе се снимени и видео спотови.
Посебно место на албумот има дуетската песна „Небо“, која Ана ја сними со легендарниот Дадо Топиќ. Покрај тоа што заедно со неа ја изведува песната, Топиќ е и автор на нејзиниот текст.
Во создавањето на песните на албумот како автори учествуваа и Душан Бачиќ, Григор Копров, Роберт Пилепиќ и Стефан Петановски.
Ана Петановска е родена во Скопје во 2003 година, а со музиката се занимава уште од најраното детство.
Пред да ја започне својата соло кариера, таа беше дел од бројни студиски музички проекти, додека пошироката публика имаше можност да ја запознае во 2022 година, кога настапи како придружен вокал на македонската евровизиска претставничка Андреа на изборот за песна на Евровизија во Торино.
Истата година Ана ја започна и својата соло кариера. Потоа следуваа повеќе фестивалски настапи, музички проекти и признанија, со кои дополнително се афирмираше како една од поинтересните млади изведувачки од својата генерација.
Со албумот „Само љубов постои“, објавен под закрилата на Croatia Records, на едно место се обединети песните создадени во текот на последните неколку години, но истовремено изданието го најавува и музичкиот правец во кој Ана Петан планира да ја продолжи и надградува својата кариера.
Албумот е достапен за дигитално слушање на сите музички платформи преку линкот:
https://ampl.ink/Xxezp






