Проданоски со апел поради високите температури: Здравјето и безбедноста на граѓаните се приоритет

Проданоски со апел поради високите температури: Здравјето и безбедноста на граѓаните се приоритет

пред 4 часа

Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, упати апел до граѓаните, работодавачите и вработените за зголемена внимателност поради високите температури и актуелниот топлотен бран.

Проданоски потсетува дека е активирана Фаза 2 од Акцискиот план за превенција на последиците од топлотните бранови и повикува доследно да се почитуваат препораките на Институтот за јавно здравје.

„Пијте вода редовно, дури и кога не чувствувате жед, а избегнувајте алкохол и засладени пијалоци“, апелира Проданоски, додавајќи дека физичките активности и рекреацијата треба да се планираат во раните утрински или вечерните часови, кога температурите се пониски.

Тој упатува порака и до работодавачите да обезбедат доволно вода, почести паузи, простор за разладување, соодветна вентилација и климатизација, како и организација на работата со која ќе се намали изложеноста на високите температури.

Посебно внимание, според Проданоски, треба да се посвети на постарите работници, хронично болните, бремените жени и другите ранливи категории граѓани, кои се под поголем ризик од последиците од високите температури.

Граѓаните се советуваат да носат лесна и светла облека, шапка и очила за сонце, да користат заштитен фактор и секогаш да имаат вода со себе кога престојуваат на отворено.

Проданоски предупредува дека вртоглавица, слабост, главоболка, гадење, конфузија или прекин на потењето може да бидат предупредувачки знаци за сериозни последици од високите температури.

„При сомневање за топлотен удар, веднаш повикајте 194 или 112 и започнете со разладување на лицето додека пристигне медицинската помош“, апелира градоначалникот.

„Да бидеме одговорни и да го чуваме сопственото здравје, но и здравјето на оние околу нас. Здравјето и безбедноста на луѓето се на прво место“, порача Проданоски.

Share
Scroll to Top