СДСМ ја повикува Владата веднаш да направи целосни анализи на водата во целата држава и јавно да ги објави резултатите, откако секојдневно излегуваат нови информации за небезбедна и загадена вода во различни населени места, изјави Маја Борозан од СДСМ, на денешната прес-конференција.
Таа посочи дека случајот со Гостивар е показател за нефункционалноста на системот и за задоцнетото постапување на институциите во секој чекор од кризата.
„Гостивар е показател за целосниот распад и нефункционалноста на системот. Се покажа Мицкоски и ВМРО не знаат и не се способни да менаџираат криза, не можат да го заштитат здравјето на граѓаните. Задоцнија во секој чекор. Од прогласување на епидемија, до преземање на превентивни мерки“, рече Борозан.
Таа додаде дека Гостивар не е изолиран случај. Вели дека во над 50 населени места водата за пиење не е безбедна, а секојдневно излегуваат нови информации за општини каде што водата е загадена и повика власта да направи анализа на водата во цела држава.
„Во над 50 населени места водата за пиење не е безбедна. Секојдневно излегуваат нови информации за општини кад е што водата е затруена.Цела држава е отруена.Во вакви услови, кога секојдневно излегуваат нови информации за загадена вода, власта на Мицкоски не прифаќа да се направи анализа на водата во цела држава и јавно да се објават резултатите. Зошто? Граѓаните од цела Македонија имаат право да знаат каква е водата што ја пијат“, рече Борозан.
Текстот СДСМ ја повикува власта да направи анализи на водата во цела држава и јавно да ги објави резултатите е превземен од МАКФАКС.





