ТАБОРОТ НА ГРУБИ УДРИ ПО „ПОЛИТБИРОТО“ НА ДУИ

ТАБОРОТ НА ГРУБИ УДРИ ПО „ПОЛИТБИРОТО“ НА ДУИ

пред 5 часа

Новоподнесеното обвинение против Артан Груби за злоупотребите во Државната лотарија, се чини, отвора уште еден фронт, внатре во самата ДУИ.

Додека раководството на партијата внимателно ги одмерува зборовите, од таборот на Груби пристигнуваат сè погласни обвинувања дека поранешниот вицепремиер бил оставен сам да ја води својата битка.

Високиот партиски активист на ДУИ, Артин Спахију, јавно тврди дека Груби е оставен сам во оваа битка, „без гласот и активноста на нашата организација“.

Спахију директно го прозива актуелното партиско раководство, кое го нарекува „политбиро“, и потсетува дека дел од неговите членови ги изградиле своите позиции токму со поддршката на Груби по партискиот конгрес во декември 2019 година и подоцнежните внатрепартиски избори.

Особено силна е неговата порака за променетиот однос на функционерите кон Груби.
„Некој го викаше „шеф“, некој „брат“, некој „кинг“, а повеќето беа залепени за него како полжави на дрво“, пишува Спахију, додавајќи дека сега јасно се гледало „кој е кој“.

Слична порака објави и сопственикот на порталот „Тетова сот“, Рами Мислими. Тој јавно праша зошто најголемиот дел од високите функционери на ДУИ досега не изразиле лична поддршка за Груби. Мислими го поставува прашањето каде е солидарноста на луѓето со кои Груби со години ги делел власта, одлучувањето и политичката одговорност. Според него, не се бара мешање во правдата, туку барем човечки и морален став кон некогашен соработник.

Oвие јавни реакции покажуваат дека случајот со Груби веќе не создава притисок само врз поранешниот вицепремиер. Тој почнува да отвора и внатрешна пресметка меѓу неговите поддржувачи и функционерите на ДУИ.

Истовремено, од партијата пристигнуваат различни пораки.

Од ДУИ првично избегнуваа директно да го споменат името на Груби, а потоа излегоа со тврдење дека против него нема докази.

Али Ахмети, пак, испрати поинаква порака. Според неговите зборови, му кажал на Груби дека треба да одговара доколку ја злоупотребил неговата доверба. Но веднаш потоа рече дека „првото нешто“ е Груби да биде ослободен од куќен притвор.

ДУИ сега се наоѓа пред незгодна политичка дилема. Ако безрезервно го брани Груби, го презема и политичкиот товар од сè што може да произлезе во текот на судењето. Ако почне да се дистанцира, ќе мора да објасни зошто човекот што со години важеше за еден од најблиските соработници на Ахмети сега е оставен без поддршка од довчерашните сопартијци.

Против поранешниот вицепремиер Артан Груби, поранешниот директор на Државната лотарија Прпарим Бајрами и уште шест лица веќе е поднесено обвинение.

Судењето е закажано да започне на 24 август, а Груби останува во куќен притвор.

Линкови до статусите:

https://www.facebook.com/share/p/1D6eBoZtHU/

https://www.facebook.com/share/p/1EXJsbJntZ/

Share
Scroll to Top