„СДСМ со денови јавно бара владата на Мицкоски да објави официјален документ, анализа, резултат кој потврдува дека водата во Гостивар е безбедна за пиење. Прашањето е зошто се крие официјален документ за водата во Гостивар? Зошто не се објавува“, прашува Маја Борозан од СДСМ.
„Бадијала се повиците на Мицкоски кога не се објавува и се крие од луѓето. А знаеме криењето на резултати до каква катастрофа доведе. Од почетокот на кризата со труењето во Гостивар – нема ниту едно стручно лице да излезе и да ги соопшти резултатите за водата.
Власта нема објавено ниту еден официјален документ за водата. Граѓаните не видоа ниту една институција ниту одговорно лице што стои зад исправноста. Мицкоски од екскурзија ја „пушти“ водата за пиење во Гостивар ама документ за исправност на водата сè уште нема.
Клековски, кој исто така беше на екскурзија, сè уште не се огласил, иако самиот најави дека првите резултати ќе ги има дури околу 20 август. Наместо премиерот и министерот за здравство – полицаец држеше здравица и објаснувше колку е „вкусна“ водата во Гостивар. Прво еден „полицаец“ Тошковски ја хиперхлорираше, потоа друг, Ангелов, ја пушти во употреба со здравица.
Тотална негрижа, срам, брука и неодговорност. Кој тогаш шири паника? Оној што не сака или не може да покаже официјален документ. Да работеа институциите како што треба и на јавноста да ѝ беа достапни документите, како и стручните и овластени лица, немаше да има нервоза ниту паника.
Така што, единствено паника создава Мицкоски и неговата криминална екипа, нестручна и неспособна. Граѓаните на Гостивар кои 5 недели пиеја загадена вода, каде има над 5.000 заболени, не заслужуваат ваков однос. Бидете барем еднаш одговорни и сериозни објавете документ:
Која институција направила анализа на водата и какви се резултатите? Кој го потпишал извештајот и кој со својот потпис гарантира дека водата е безбедна? За здравјето и животите на луѓето се работи“, изјави Маја Борозан од СДСМ.
Текстот (Видео) Зошто се крие документ за водата во Гостивар и кој гарантира дека е безбедна, прашува Борозан е превземен од МАКФАКС.




