Британски „Тајмс“ објави обемен текст за српскиот претседател Александар Вучиќ, неговиот балансирачки чин меѓу Москва и Брисел, како и за сè посилното студентско протестно движење, кое според анкетите на јавното мислење има поголема поддршка од властите.
„Како средновековен крал што прима петиции, Александар Вучиќ, претседателот на Србија, стоеше на главниот плоштад во едно мало гратче на југозападот од земјата, додека локалните жители гласно ги искажуваа своите проблеми“, вака го започнува својот напис „Тајмс’“, осврнувајќи се на посетата на Вучиќ на Нова Варош од првата половина на август оваа година.
Овој медиум пишува дека граѓаните барале работа за своите најблиски, додека еден постар човек се пожалил дека неговиот син не можел да најде работа и покрај тоа што присуствувал на „сите митинзи“ на владејачката Српска напредна партија.
„Јас не сум џубокс што ги исполнува личните барања на секого. Нема да го направам тоа за мене да се ценкам со вас за километар пат до вашата куќа или 80 метри до вашата порта. Нема смисла“, им се налути Вучиќ на граѓаните, пишува медиумот.
Незадоволството во Нова Варош е далеку од изолиран случај, а Вучиќ го знае тоа – објавува овој медиум.
„Тајмс“ пишува дека незадоволството на граѓаните од корупцијата и зголемувањето на трошоците за живот прераснало во протестно движење кое сега, според анкетите, има поголема поддршка од претседателот.
Коментирајќи ги најавите на Вучиќ дека ќе поднесе оставка и ќе се кандидира од датумот на изборите, овој британски медиум пишува дека тоа потсетува на потезите на рускиот претседател Владимир Путин.
Новинарот на „Тајмс“, Џек Адамовиќ Дејвис, се осврнува на „Експо“, кое го опишува како „возвишениот проект на Вучиќ“.
„Околу 160 километри северно, градителите напорно работат на она што лесно би можело да биде неговата лебедова песна од 1,1 милијарда фунти: голема изложбена сала на периферијата на Белград, која треба да биде домаќин на Специјализираното „Експо“ следната година“, пишува овој медиум.
Тие исто така пишуваат за тоа како подизведувачите оствариле „огромни профити“.
„Идентитетот на оние што ги добиваат овие пари е државна тајна, бидејќи новиот закон го ослободува „Експо“ од прописите за јавни набавки. Под превезот на доверливост, подизведувачите поврзани со владејачката елита – меѓу кои е барем една компанија која е обвинета за наводно поткупување на помошник-министер – оствариле огромни профити“, продолжува „Тајмс“.
„ЕУ се плаши да не го турне Вучиќ кон Русија“
Тој наведува дека скептицизмот кон српскиот претседател расте во ЕУ, ја споменува Резолуцијата на Европскиот парламент, но исто така наведува дека „западниот дипломатски кор во Белград се двоуми да го заостри својот став кон Вучиќ од страв да не го турне уште повеќе во прегратките на Русија“.
„Природата на оваа диктатура е директно поврзана со она што ЕУ го очекува од Србија. Тоа е автократија која е целосно прилагодена да продолжи да биде на добрата страна на ЕУ“, рече политикологот Никола Буразер.
Текстот Британски „Тајмс“ за Вучиќ: На европскиот „камелеон“ што игра меѓу Истокот и Западот можеби му истекува времето е превземен од МАКФАКС.






