Македонија сè поинтензивно го користи својот сончев потенцијал за производство на домашна електрична енергија, а фотонапонските електроцентрали веќе заземаат значајно место во вкупниот енергетски систем, објави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Според податоците што ги сподели Божиновска, во 2025 година фотонапонските електроцентрали достигнале 30,44 проценти од вкупниот инсталиран капацитет во земјата.
Истовремено, соларните електроцентрали обезбедиле 19,28 проценти од домашното производство на електрична енергија.
Посебно значаен е растот во изминатата деценија. Во споредба со 2016 година, производството на електрична енергија од сонце е зголемено речиси 50 пати, што покажува колку брзо фотонапонските капацитети стануваат важен дел од домашниот електроенергетски систем.
Трендот продолжил и во текот на 2025 година, кога од новите производствени капацитети приклучени на мрежата дури 115,10 мегавати биле фотонапонски електроцентрали.
Паралелно со растот на производството од обновливи извори, започнува да се развива и инфраструктурата за складирање електрична енергија.
Како што информира Божиновска, во 2025 година за првпат биле издадени седум лиценци за батериски системи за складирање електрична енергија, со вкупна инсталирана моќност од 7,1 мегавати.
Батериските складишта се особено важни во услови на сè поголемо производство од сонце, бидејќи овозможуваат дел од произведената електрична енергија да се складира и да се користи во периоди кога производството од фотонапонските централи е намалено.
„Овие резултати покажуваат дека сонцето веќе не е само природна предност, туку еден од главните столбови на македонската енергетска иднина“, порача Божиновска.
Податоците укажуваат дека енергетската транзиција во земјата забрзува, со сè поголемо учество на фотонапонските електроцентрали и со првите конкретни чекори кон развој на системи за складирање, кои треба да придонесат за поголема стабилност и флексибилност на електроенергетскиот систем.






