ВЛЕН: Замениците-министри на ДУИ молчеа кога Албанците ги нарекуваа „терористи“, а денес држат морални лекции

ВЛЕН: Замениците-министри на ДУИ молчеа кога Албанците ги нарекуваа „терористи“, а денес држат морални лекции

пред 3 часа

ВЛЕН преку соопштение упати остри критики кон ДУИ, обвинувајќи ја партијата дека со неточни информации се обидува да создаде паника и погрешна слика во јавноста.

Од ВЛЕН тврдат дека ДУИ повторно ја активирала својата „фабрика за лаги“ и дека во отсуство на факти и аргументи се служи со измислени бројки, манипулации и политичка врева.

„Кога нема факти, измислува бројки. Кога нема аргументи, создава паника. Кога ќе биде фатена во манипулација, се обидува да ја прикрие со врева“, се наведува во соопштението.

Од ВЛЕН го отфрлаат како невистинито тврдењето со кое, според нив, ДУИ ги поврзува конкурсот за вработување во полицијата и конкурсот за прием на ученици во средното полициско училиште.

„Станува збор за две целосно различни постапки. Нивното мешање претставува доказ за политичкиот очај на една партија која се обидува да создаде лажна перцепција во јавноста“, порачуваат од ВЛЕН.

Во реакцијата се наведува дека најголемата иронија е тоа што ДУИ денес се претставува како заштитник на Албанците, иако нејзините поранешни заменици-министри, како што тврдат од ВЛЕН, молчеле во моменти кога требало јавно да реагираат.

„Каде беа замениците-министри на ДУИ кога стоеја покрај министри кои Албанците ги нарекуваа ‘терористи’? Каде беа кога еден министер изјавуваше дека не му дава право на еден Албанец да зборува само затоа што бил осуден? Тогаш молчеа, а денес држат морални лекции“, се вели во соопштението.

Од ВЛЕН сметаат дека Албанците немаат потреба од политички поуки од оние кои, според нив, молчеле кога требало да зборуваат, а денес настапуваат гласно за да ги прикријат сопствените неуспеси.

„ДУИ нема ниту морален ниту политички кредибилитет да зборува за застапеноста на Албанците. По 22 години поминати на власт, не може да се крие зад пропаганда и клевети“, велат од коалицијата.

На крајот од соопштението, ВЛЕН порачува дека нема да дозволи тврдењата на ДУИ да ги заменат фактите.

„Времето кога Албанците беа манипулирани со фабрикувани сценарија заврши“, се наведува во реакцијата на ВЛЕН.

Share
Scroll to Top