Џенифер Анистон отворено ужива во врската со хипнотерапевтот и животен советник Џим Кертис, со кого е повеќе од една година. Иако актерката во минатото внимателно го чуваше приватниот живот, овојпат сè почесто се појавува со партнерот во јавноста.
Извори блиски до двојката за Page Six тврдат дека Анистон и Кертис се многу среќни, но дека немаат намера да стапат во брак.
„Тие сè уште се многу, многу среќни, но немаат намера да се венчаат. Џен вели дека никогаш повеќе нема да се омажи“, изјавил изворот.
Како дополнителен доказ дека актерката повеќе не ја крие врската се наведува нејзиното учество на настанот „Вечер со Џим Кертис“ во Њујорк. Анистон ќе го интервјуира партнерот по повод промоцијата на неговата нова книга „The Book of Possibility“, а според информациите, билетите биле распродадени веднаш по пуштањето во продажба.
Двојката првпат беше забележана заедно во јули 2025 година во хотел во Биг Сур, Калифорнија. Ова е прва позната подолга врска на актерката по разводот од Џастин Теру во 2018 година. Претходно, Анистон беше во брак и со Бред Пит.

Според пријателите, Кертис ѝ нуди стабилност и сигурност каква што актерката претходно немала. Тие тврдат дека тој не се чувствува загрозено од нејзината слава и дека не очекува таа да се приспособува на неговиот живот.
Кертис веќе стана дел од блискиот круг на холивудската ѕвезда. Во текот на летото ѝ се придружи на одмор на Мајорка, каде што беа и Кортни Кокс, Џејсон Бејтман и Педро Паскал. Неодамна двојката вечерала и со поранешните колешки на Анистон од серијата „Пријатели“, Кокс и Лиса Кудроу.
Зборувајќи за почетокот на нивната врска, Кертис откри дека ги запознале заеднички пријатели. Најпрво разговарале подолг период, по што нивното познанство прераснало во љубовна врска.

И Анистон јавно зборуваше за својот партнер, опишувајќи го како „исклучителен, нормален и многу љубезен човек“, кој им помага на луѓето да ги надминат траумите и животните застои.
Кертис е разведен и има едно дете. Во младоста се соочил со сериозна и долго време недијагностицирана состојба на ’рбетот, која предизвикала хронично оштетување на нервите, грчеви и речиси целосна парализа. Денес често користи бастун, а вели дека хипнозата и промената на начинот на размислување му помогнале во справувањето со хроничната болка.
Анистон уште во интервју од 2022 година изјави дека не чувствува потреба повторно да се венча, иако би сакала стабилна и исполнета врска. Според изворите, Кертис ја прифаќа нејзината одлука и смета дека за силна духовна и емотивна поврзаност не е потребен документ.
Двојката затоа не планира свадба, но нивната врска, судејќи според сè почестите јавни појавувања, станува сè посериозна.






