Три дена му беа потребни на Далибор Китановиќ за конечно да објави неискрено полуизвинување во кое ги измеша сопственото семејство, целиот народ и својата партија, обидувајќи се невешто да го скрие фактот дека ги прекрши законите на оваа држава кои мора да важат за сите поддеднакво, велат од ЛДП.
„Тоа што директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците се обидува да се испере преку ставови и семејни трауми — кои немаат апсолутно никаква врска со неговата улога како државен функционер — е само уште еден крунски доказ за неговата тотална некадарност и неспособност за оваа позиција. Во сериозна и правна држава, по тешка грешка која директно се коси со Кривичниот законик, работата не завршува со детски и патетични изговори од типот: „Извини премиере, јас те сакам најмногу на свет, немој да ми се лутиш, еве објавив извинување, само задржи ме на функција“. Ваквиот недоличен пристап не смее да помине ниту како урнек за граѓаните, затоа што тоа е опасно како пример и затоа нуту важи ниту смее да важи за обичните граѓани кои веднаш се соочуваат со силата на законот. Не смее да има привилегирани функционери под заштита на премиерот“.
Прашањето до премиерот и раководството на државата, како што велат, е повеќе од јасно. „Треба ли да чекаме нова грешка, нови скандали и уште поголеми тензии во општеството за конечно некој да понесе вистинска одговорност? Што стана со најавите пред некоја година за одлучно водење на Владата? Што стана со новиот стил на раководство? Зарем да се задоволиме дека добивме полоша усовршена верзија од таа која беше критикувана?
Во овој момент веќе не се бара доброволна оставка, туку се бара решителност од Владата и итно разрешување на директорот кој самиот си ја призна грешката. Македонија има способни, одговорни и професионални кадри кои можат одлично да ја извршуваат оваа функција и да негуваат вистинска хармонија меѓу заедниците, наместо да предизвикуваат противзаконска хистерија и поделби меѓу граѓаните. Законот мора да важи без исклучок, а Китановиќ мора да биде разрешен веднаш“, истакнуваат од ЛДП.
Текстот ЛДП: Владата мора итно да го разреши Китановиќ, дали со коленичење пред премиерот ќе ја задржи функцијата во Агенцијата е превземен од МАКФАКС.





