Божиновска: Македонија ја гради новата енергетска карта на Југоисточна Европа

Божиновска: Македонија ја гради новата енергетска карта на Југоисточна Европа

пред 2 часа

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска учествуваше на Sixth Thessaloniki Metropolitan Summit, во организација на The Economist, каде како почесен гостин и главен говорник се обрати пред високи претставници од политичкиот, економскиот и бизнис сектор од Грција, регионот и Европа.

Овогодишниот самит, под наслов „Axis 2030: Powering connectivity, unlocking growth for south-east Europe“, е посветен на иднината на поврзаноста, економскиот развој и геополитичките и енергетските предизвици со кои се соочува Југоисточна Европа.

Во своето обраќање, Божиновска истакна дека енергетската безбедност денес е неразделно поврзана со диверзификацијата на изворите, прекуграничната инфраструктура и регионалната поврзаност.

„Енергетската независност значи државен суверенитет. Денес не е доволно само да имаме енергија – мора да знаеме од каде може да дојде, по кои патишта може да стигне и дали тие патишта се сигурни, диверзифицирани и меѓусебно поврзани. Зависноста од еден единствен добавувач нè прави ранливи. Затоа диверзификацијата и прекуграничната поврзаност повеќе не се прашање на избор, туку прашање на енергетска безбедност и економски развој“, порача Божиновска.

Тема на панелот беше Вертикалниот гасен коридор, а нејзини останите учесници беа Џошуа Волц – специјален пратеник за глобална енергетска интеграција, Департмант за енергетика на САД, Ставрос Папаставру – министер за животна средина и енергетика на Грција, Ива Петрова – министер за енергетика на Бугарија и Артем Рибченко – заменик-министер за обнова, инфраструктура и транспорт на Украина. Министерката нагалси дека токму овој проект го оценува како еден од клучните проекти за новата енергетска и геостратешка архитектура на Југоисточна Европа.

„Вертикалниот енергетски коридор не е само гасоводна инфраструктура. Тој е новата безбедносна, економска и геостратешка архитектура на Југоисточна Европа.“

Божиновска истакна дека Македонија со официјалното приклучување кон Вертикалниот гасен коридор прави историски чекор кон прекин на долгогодишната зависност од една гасна рута и отворање кон нови извори и пазари.

„Ние не сакаме да бидеме само набљудувач на овие процеси, туку активен партнер. По три децении ја прекинуваме целосната зависност од само една гасна рута и градиме инфраструктура која ќе ја постави Македонија на новата енергетска карта на Европа.“

Интерконекторот со Грција – директен излез кон алтернативни извори

Министерката посочи дека изградбата на гасниот интерконектор со Грција напредува според планираната динамика.

Интерконекторот е со вкупна должина од 123 километри, од кои околу 68 километри на територијата на Македонија, а неговото ставање во функција се очекува во текот на 2027 година.

Со новата гасна врска Македонија ќе добие директен пристап до јужниот гасен коридор и до можностите за снабдување преку ЛНГ терминалите во Ревитуса и Александруполис, со што се отвора пристап до диверзифицирани извори на природен гас.

„Ова не е само проект за нас. Ова е пристап до алтернативни извори на гас за целиот регион. Со интерконекторот ја зголемуваме сигурноста на снабдувањето, создаваме услови за поголема конкуренција и ја зајакнуваме регионалната енергетска отпорност“, истакна Божиновска.

Од крајна точка до транзитен енергетски коридор

Божиновска во своето обраќање ја нагласи и стратешката важност на интерконекторот со Србија, преку кој Македонија ќе воспостави нова гасна врска кон север.

„Нашата визија не застанува на границата со Грција. Продолжуваме со интерконекторот со Србија, со што создаваме западнобалкански крак кој го поврзува југот со Централна и Источна Европа.“

Таа посочи дека со паралелното развивање на гасните интерконекции со Грција и Србија Македонија ја трансформира својата позиција – од крајна точка на гасниот систем во потенцијален регионален транзитен енергетски коридор.

„Ние го трансформираме регионот од пасивна крајна точка во активен транзитен коридор. Нашата земја има амбиција да биде енергетска врска меѓу југот и Централна и Источна Европа.“

Министерката нагласи дека инвестициите во гасната инфраструктура се дел од поширока енергетска транзиција и дека новите интерконектори мора да бидат подготвени за идните технологии.

„Нашата визија оди подалеку од традиционалните енергенси. Архитектурата што ја градиме денес мора да биде доволно флексибилна да ги поддржи енергетските системи на утрешнината.“

Во тој контекст, Божиновска посочи дека новата инфраструктура се развива со перспектива за идниот транспорт на водород и со цел да биде компатибилна со долгорочните европски цели за декарбонизација.

Покрај гасната инфраструктура, министерката ги истакна и инвестициите во обновливи извори на енергија, особено сончевата и ветерната енергија, како и потребата од модернизација и зајакнување на електроенергетските мрежи и прекуграничните интерконекции.

„Енергетската транзиција не е само промена на енергентите. Таа е изградба на нов систем – со повеќе извори, повеќе врски, повеќе флексибилност и поголема отпорност.“

Во делот на електроенергетиката, Божиновска посочи дека Македонија работи на дополнително зајакнување на регионалната поврзаност преку интерконекцијата Битола–Елбасан, со која се комплетира Коридорот 8, како и преку надградба на постојната врска со Грција и развој на новата интерконекција со Бугарија.

„Ниту една земја во Југоисточна Европа не може сама да ја осигура својата енергетска безбедност. Затоа ни е потребна регионална солидарност, инфраструктурна поврзаност и заеднички енергетски пазар.“

Таа порача дека Македонија останува целосно посветена на европската визија за поврзан, конкурентен и отпорен енергетски систем.

„Подготвени сме за работа, подготвени сме за инвестиции и подготвени сме да бидеме сигурен столб на енергетската отпорност на Југоисточна Европа.“

Учеството на министерката Божиновска на Economist Thessaloniki Metropolitan Summit 2026 претставува можност Македонија пред релевантните политички, економски и бизнис чинители од регионот и Европа да ги презентира своите стратешки енергетски приоритети и конкретните инфраструктурни проекти преку кои земјата се позиционира како активен учесник во новата енергетска архитектура на Југоисточна Европа.

Текстот Божиновска: Македонија ја гради новата енергетска карта на Југоисточна Европа е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top