Муцунски во Украина: Границите не можат да се менуваат со сила

Муцунски во Украина: Границите не можат да се менуваат со сила

пред 2 часа

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска престојува во официјална посета на Украина, во чии рамки оствари средба со својот украински колега, министерот за надворешни работи Андриј Сибиха.

Во фокусот на разговорите беа можностите за натамошно продлабочување на политичкиот дијалог и соработката меѓу двете земји, како на билатерален, така и на мултилатерален план. Посебен акцент беше ставен на унапредувањето на економската соработка, европската перспектива на двете земји, актуелните безбедносни предизвици, како и на можностите за учество на нашата држава во процесот на закрепнување и реконструкција на Украина.

Министерот Муцунски ја потврди цврстата и континуирана поддршка за Украина, нагласувајќи ја принципиелната позиција во однос на почитувањето на суверенитетот, територијалниот интегритет и меѓународното право.

„Стоиме со Украина. Украина е суверена држава. Нејзиниот територијален интегритет мора да се почитува. Границите не можат да се менуваат со сила. А меѓународното право не може да биде прашање на избор кога неговото почитување не ни одговара“, истакна Муцунски.

Во разговорите беше нагласено и поширокото значење на безбедноста на Украина за европската и трансатлантската безбедност, како и потребата од заеднички и координиран ангажман на сојузниците и партнерите во создавањето услови за праведен и траен мир.

„Американското лидерство и европската одговорност мора да дејствуваат заедно. Така го зајакнуваме одвраќањето денес. Така ги создаваме условите за мир утре. И така обезбедуваме тој мир да биде траен“, порача министерот.

Муцунски ја потврди и подготвеноста на Република Северна Македонија да продолжи да придонесува кон меѓународните напори за поддршка на Украина, како и активно да се вклучи во процесот на нејзино закрепнување и реконструкција.

„Кога разговорот повеќе нема да биде за одбрана и преживување, туку за обнова и просперитет. Сакаме тој ден да дојде што е можно поскоро. И кога ќе дојде, мојата држава има намера да биде тука – не само како пријател кој стоел со Украина во тешките времиња, туку и како партнер во нејзиното закрепнување и реконструкција“, нагласи Муцунски.

Двајцата министри ја потврдија подготвеноста за натамошно продлабочување на билатералната и мултилатералната соработка, како и за унапредување на политичките и економските односи меѓу двете земји.

Во рамките на посетата, министерот Муцунски оствари средба и со Олександр Корниенко, прв заменик-претседател на Врховната рада на Украина, а заедно со министерот Сибиха положија цвеќе пред Ѕидот на сеќавањето на паднатите бранители на Украина.

Текстот Муцунски во Украина: Границите не можат да се менуваат со сила е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top