Во Македонија во моментов истовремено се градат пет автопатски делници, а наскоро треба да започне изградбата и на шестата, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Во интервју за телевизија Сител, Николоски говореше за динамиката на изградбата на автопатите, роковите и следните големи инфраструктурни проекти во земјата.
Според него, Коридорот 8 никогаш досега не се градел со вакво темпо, а Македонија во моментов реализира инфраструктурни инвестиции со обем кој, како што оцени, е редок и за земјите од регионот.
Гостивар – Кичево до крајот на 2029 година
Како еден од најзначајните и најсложените проекти Николоски ја издвои автопатската делница Гостивар – Кичево, со која целосно треба да се заобиколи Стража.
Според него, работите се одвиваат со добра динамика, а планираниот рок за завршување е до крајот на 2029 година.
„Тоа е најтешката делница, популарната Стража, а со ова решение целосно ја заобиколуваме. Станува збор за тежок потфат, прв автопат што се работи од двете страни, нешто што Македонија досега го нема видено“, рече Николоски.
Букојчани – Кичево треба да биде шестата активна делница
Министерот најави дека во текот на неделата се очекува избор на изведувач за делницата Букојчани – Кичево.
Постапката се спроведува во соработка со Европската банка за обнова и развој, која ја врши евалуацијата на понудите.
За изградбата се пријавиле три компании, а според очекувањата на Николоски, работите би можеле да започнат до крајот на септември или почетокот на октомври.
Со тоа, ова би станала шестата автопатска делница што истовремено ќе се гради во земјата.
Тунелите кај Пресека треба да се отворат во октомври
Николоски се осврна и на автопатот Кичево – Охрид.
Според неговите најави, најкомплицираниот дел – тунелите кај Пресека заедно со галериите – треба да биде пуштен во употреба во октомври годинава.
Целиот автопат Кичево – Охрид, според планот, би требало да биде завршен и пуштен во сообраќај во првото тримесечје од следната година.
Точниот рок, сепак, ќе зависи и од временските услови во текот на зимскиот период.
Нови експресни патишта кон Бугарија
Како следни приоритети Николоски ги посочи и експресните патишта:
- Кочани – Виница – Делчево – граница со Бугарија
- Радовиш – Струмица – Ново Село – граница со Бугарија
Двата проекта во моментов се во фаза на проектирање.
Според Николоски, целта е во следниот период да продолжи интензивната изградба на патната инфраструктура и подобро поврзување на источниот и западниот дел од земјата со соседните држави.
Тој оцени дека актуелната динамика на изградба претставува еден од најголемите инфраструктурни циклуси во поновата историја на Македонија.






