Памела Андерсон отворено проговори за еден од најтешките периоди во својот живот – дијагнозата со хепатитис Ц кон крајот на 1990-тите, во време кога за вирусот немало ефикасен лек каков што постои денес.
На хуманитарната гала-вечер amfAR во Венеција, 59-годишната актерка откри дека лекарот тогаш ѝ кажал дека можеби ѝ преостануваат само околу десет години живот.
„Тоа беше смртна пресуда. Лекарот ми рече дека веројатно имам уште околу десет години“, раскажа Андерсон.
Најголемиот страв бил за нејзините деца
Ѕвездата на „Baywatch“ призна дека дијагнозата силно влијаела врз нејзиниот живот и можеби врз многу одлуки што ги донела во тој период.
Таа нагласи дека најголемиот страв не бил поврзан со сопствената смрт, туку со тоа што би се случило со нејзините два сина – Брендон Томас и Дилан Џегер, кои ги има со поранешниот сопруг Томи Ли.

„Не се плашев од смртта, туку од тоа што ќе им се случи на моите деца. Тоа целосно ми го преврте животот“, рече актерката.
Се заразила преку заедничка игла за тетовирање
Андерсон претходно откри дека верува оти се заразила со хепатитис Ц додека со Томи Ли користеле иста игла за тетовирање.
Во годините што следеле, медицината значително напредувала, а со појавата на новите антивирусни терапии болеста станала излечлива кај голем број пациенти.
Андерсон во 2015 година објави дека повеќе нема хепатитис Ц.
Таа откри и дека лекувањето било исклучително скапо и дека за терапијата потрошила огромен дел од своите заштеди.
„Срамот и вината остануваат“
Иако физички се излекувала, Андерсон призна дека психолошките последици останале многу подолго.
Таа зборуваше за чувството на срам и вина што го носела со години и го поврза со трауматични искуства од своето детство.
„Тоа останува со вас, ве прогонува“, рече таа, додавајќи дека во одредени моменти се чувствувала како „оштетена“.
Сепак, денес одбива да се гледа себеси како жртва.
„Јас сум победник. Силна сум и способна, повеќе отколку што некогаш можев да замислам“, порача Андерсон.
Наградена за храброст
На гала-вечерта во Венеција актерката ја доби Наградата за храброст, признание што се доделува во рамките на настаните на amfAR, организација посветена на медицинските истражувања и борбата против ХИВ/СИДА.
Памела Андерсон првпат јавно проговори за својата дијагноза во 2002 година, а повеќе од една деценија подоцна успеа целосно да се излекува.
Нејзината приказна денес ја користи како пример дека дури и дијагноза која некогаш звучела како „смртна пресуда“ може да добие сосема поинаков исход благодарение на напредокот на медицината.






