Шасивари: Европските стандарди мора доследно да се применуваат во секоја одлука за притвор

Шасивари: Европските стандарди мора доследно да се применуваат во секоја одлука за притвор

пред 41 минута

Министерот за правда, Јетон Шасивари, присуствуваше на промоцијата на „Прирачникот за примена на мерката притвор низ призмата на членот 5 од Европската конвенција за човекови права.

Во своето обраќање, министерот Шасивари истакна дека прирачникот доаѓа во особено значаен момент и претставува важна практична алатка за унапредување на судската и обвинителската практика и за доследна примена на европските стандарди во областа на човековите права.

„Кога зборуваме за притворот, зборуваме за една од најчувствителните точки на кривичната постапка – моментот кога државата го ограничува едно од најосновните човекови права – правото на слобода“, истакна Шасивари.

Тој нагласи дека притворот не смее да се применува автоматски, ниту да претставува замена за пресуда, посочувајќи ја притоа важноста на почитувањето на презумпцијата на невиност.

„Притворот не смее да стане инструмент на автоматизам. Не смее да стане замена за пресуда. И најважно – не смее човекот да биде третиран како виновен пред да биде донесена правосилна одлука за неговата вина“, потенцира министерот за правда.

Лишувањето од слобода може да биде оправдано само кога постои конкретна, реална и индивидуално утврдена причина, како и кога целта на постапката не може да се постигне со поблага мерка.

„Секоја одлука за притвор мора да одговори на едно суштинско прашање: Зошто токму ова лице, токму сега и токму во овие околности, мора да биде лишено од слобода?“, рече Шасивари.

Министерот посочи дека особено внимание треба да се посвети и на практиката на Европскиот суд за човекови права во предметите против Северна Македонија, како и на потребата од континуирана проценка на оправданоста на притворот.

Според министерот, владеењето на правото не се мери само преку ефикасноста на државата во гонењето на кривичните дела, туку и преку начинот на кој државата постапува кога ја ограничува слободата на човекот.

Прирачникот ќе биде корисна алатка за судиите, јавните обвинители, адвокатите и сите правни професионалци, придонесувајќи за поголема правна сигурност, поквалитетни образложенија и усогласена примена на европските стандарди.

Министерството за правда ќе продолжи да ги поддржува иницијативите насочени кон унапредување на правосудниот систем, јакнење на професионалните капацитети и доследна заштита на човековите права.

„Наша заедничка одговорност е да градиме правосудство во кое граѓаните ќе имаат доверба и систем во кој човековите права нема да бидат само запишани во законите, туку доследно ќе се применуваат во практиката. Затоа што правдата не е само во донесувањето на одлуката. Правдата е и во начинот на кој таа одлука е донесена“, порача министерот за правда Јетон Шасивари.

Текстот Шасивари: Европските стандарди мора доследно да се применуваат во секоја одлука за притвор е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top