ChatGPT го менува пристапот: Наместо копирање на познати автори, нуди оригинален стил

ChatGPT го менува пристапот: Наместо копирање на познати автори, нуди оригинален стил

пред 6 часа

Корисниците на ChatGPT во последните недели забележуваат промена во начинот на кој чет-ботот одговара на барањата за создавање текстови во стилот на конкретни познати писатели.

При директно барање да го имитира препознатливиот авторски глас на писатели како Стивен Кинг, Ернест Хемингвеј или Чарлс Дикенс, системот сè почесто одбива целосно да го преслика нивниот стил. Наместо тоа, нуди создавање оригинален текст со слична атмосфера, жанровски елементи или општи наративни карактеристики.

Според досегашните кориснички тестирања, ограничувањата претходно главно се однесувале на имитирање живи автори, додека барањата поврзани со починати писатели понекогаш биле прифаќани. Поновите тестови покажуваат дека ваквиот пристап може да се применува пошироко, независно дали авторот е жив или починат.

Промената доаѓа во период на засилена дебата за авторските права и употребата на книги, новинарски текстови и други заштитени содржини при развојот на системите со вештачка интелигенција.

OpenAI и Microsoft се соочуваат со судски постапки во САД во кои автори и медиумски компании тврдат дека нивни дела биле користени без дозвола при обучувањето на моделите. Компаниите, од друга страна, застапуваат став дека ваквата употреба е трансформативна и може да се разгледува во рамките на американскиот принцип „фер јуз“.

Новиот пристап на чет-ботот не значи дека корисниците повеќе не можат да бараат текстови со определен книжевен тон. Наместо да наведат конкретен писател, тие можат детално да ги опишат посакуваните карактеристики.

На пример, може да побараат текст со кратки и директни реченици, минималистички дијалог, мрачна атмосфера, психолошка тензија, готски елементи или класичен детективски тон.

На овој начин ChatGPT може да создаде оригинален текст инспириран од поширока книжевна традиција, без директно пресликување на препознатливиот глас на конкретен автор.

Share
Scroll to Top