Големиот пожар во Брач зад себе остави пустош

Големиот пожар во Брач зад себе остави пустош

пред 2 часа

Пожарот што го зафати хрватскиот остров Брач остави зад себе големи опожарени површини, а снимките од теренот покажуваат колку силно огнената стихија ја зафатила природата. На видеото се гледаат целосно изгорени дрвја, поцрнет терен прекриен со пепел и чад што сè уште се издигнува меѓу остатоците од пожарот.

Пожарот избувна доцна во четврток навечер меѓу Ложишќа и Грабовица, а силниот ветер дополнително го отежна гаснењето и придонесе огнот да се прошири кон нови подрачја.

Пожарникарите со часови се бореа со огнената стихија, додека дел од силите беа насочени кон заштита на пустиножителскиот манастир Блаца и населбата Милна. Во гаснењето беа вклучени и противпожарни авиони „канадер“.

Поради опасноста од пожарот беа евакуирани луѓето од рибникот „Сардина“ во заливот Маслинова. Иако ситуацијата на теренот се подобри, силниот ветер и натаму претставуваше сериозен предизвик за пожарникарите.

Според досегашните проценки, пожарот зафатил околу 3.000 хектари шума и ниска вегетација. На теренот беа ангажирани повеќе од 100 пожарникари со десетици противпожарни возила, а дополнителни сили беа испратени и од други делови на Хрватска.

Над пожарот се формираше и пирокумулус – голем облак што настанува поради исклучително силното загревање на воздухот над огнената стихија.

Снимките од опожарениот терен сведочат за размерите на пожарот, со цели делови од шумата претворени во пепел. И покрај големата материјална и еколошка штета, надлежните соопштија дека станбените објекти не биле загрозени и оти немало потреба од дополнителна евакуација на населението.

Текстот Големиот пожар во Брач зад себе остави пустош е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top