Google воведе промени во своите резултати од пребарувањето во Европа за да ги исполни барањата на регулаторите на Европската унија за заштита на конкуренцијата.
Истовремено, технолошкиот гигант предупреди дека овие промени ќе го влошат корисничкото искуство и ќе ги зголемат трошоците за европските компании, објави Ројтерс.
Според претставници на Google, оваа измена претставува најзначајно намалување на квалитетот на услугата во 29-годишната историја на најпопуларниот пребарувач во светот.
Google наведува дека, иако Европската унија ги претстави промените како начин за создавање еднакви услови за онлајн огласувачите, во пракса тие ќе им дадат предност на специјализираните услуги за пребарување и споредба на цени – како што се Expedia и Booking.com.
Овие услуги, познати како услуги за вертикално пребарување, ќе добијат поголема видливост во резултатите од пребарувањето – особено во секторите како хотели, авионски патувања и ресторани – додека поединечните компании во тие сектори ќе имаат помалку простор и ќе бидат прикажани главно со основни податоци, како што се линк до веб-страница, телефонски број и адреса.
Во јули, американскиот технолошки гигант беше казнет со 460 милиони евра поради давање предност на сопствените услуги во резултатите од пребарувањето за купување, хотели, патувања и спорт – постапки што ЕУ ги оцени како прекршување на Законот за дигитални пазари (DMA).
Европската комисија му даде на Google рок од 60 дена да го усогласи своето работење со DMA, со можност за изрекување периодични казни во висина до 5 отсто од вкупниот глобален промет на компанијата. Според новиот модел, на врвот на страницата ќе се прикажува специјализирана алатка за пребарување, проследена со две други што нудат помалку детали, додека под нив ќе се појави „карусел“ (лизгачки приказ) со хотели, авиокомпании и ресторани.
Истовремено, одредени податоци – како што се цените во реално време – ќе бидат отстранети.
Google изјави дека претходните промени направени за усогласување со DMA резултирале со пад од приближно 30 отсто во бесплатниот директен сообраќај кон европските даватели на услуги за резервации, и очекува овие најнови промени дополнително да влијаат врз тие компании.






