Димитриеска-Кочоска: Буџетот се реализира според планот, приходите до август зголемени за 8 проценти

Димитриеска-Кочоска: Буџетот се реализира според планот, приходите до август зголемени за 8 проценти

пред 11 часа

Вкупните буџетски приходи заклучно со август изнесуваат 230,6 милијарди денари, што претставува 60,77 проценти од планираниот износ и раст од 8 проценти во споредба со истиот период минатата година, соопшти Министерството за финансии.

Реализацијата на Буџетот и наплатата на приходите биле главни теми на денешната координативна средба на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска со директорката на Управата за јавни приходи Елена Петрова и директорот на Царинската управа Бобан Николовски.

На средбата биле разгледани движењата кај одделните даночни категории, при што било констатирано дека Буџетот се реализира во рамките на планираната динамика. Во моментов не се евидентирани позначајни отстапувања ниту на приходната ниту на расходната страна.

„Буџетот се реализира согласно планираната динамика. Заедно со УЈП и Царинската управа детално ги следиме приходите и сите движења што можат да имаат влијание врз нивната реализација. Во овој момент нема позначајни отстапувања од планираното, но остануваме внимателни и навремено ќе реагираме доколку состојбите го наложат тоа“, изјави Димитриеска-Кочоска.

Даночните приходи во првите осум месеци од годинава достигнале 131,5 милијарди денари, што е зголемување од 8,2 проценти на годишно ниво.

Раст е регистриран кај сите главни даночни категории. Приходите од данокот на добивка се повисоки за 19,9 проценти, наплатата на данокот на личен доход е зголемена за 10,9 проценти, приходите од ДДВ пораснале за 10,6 проценти, додека увозните давачки бележат раст од 9,7 проценти.

Одредено отстапување е евидентирано кај акцизите, што, според Министерството, е поврзано и со мерките преземени од Владата за ублажување на влијанието од кризата со нафтените деривати. Движењата во оваа категорија ќе продолжат внимателно да се следат.

На расходната страна, од јануари до август биле реализирани 268,9 милијарди денари, односно 63,15 проценти од вкупно планираните расходи.

На средбата било нагласено значењето на континуираната координација меѓу Министерството за финансии, УЈП и Царинската управа, како институции со клучна улога во обезбедувањето на буџетските приходи.

Во следниот период ќе продолжи редовното следење на реализацијата на Буџетот и на економските движења. Врз основа на добиените податоци ќе се носат одлуки за евентуални приспособувања на расходната страна.

Од Министерството за финансии велат дека остануваат посветени на одговорното управување со јавните финансии, навременото сервисирање на обврските и одржувањето на стабилноста на Буџетот, со приоритет на заштитата на граѓаните и стопанството.

Share
Scroll to Top