Проданоски по повод 84 години од Дабничкиот масакр: Да не се повтори и никогаш да не се заборави

Проданоски по повод 84 години од Дабничкиот масакр: Да не се повтори и никогаш да не се заборави

пред 2 часа

По повод одбележувањето 84 години од Дабничкиот масакр, Дејан Проданоски порача дека Дабница е едно од местата што никогаш не смеат да бидат заборавени и повика на поголема грижа за спомен-обележјето и просторот околу него.

На 19 септември 1942 година, кај Дабница биле сурово убиени 18 прилепчани од страна на бугарскиот фашистички окупатор. Проданоски нагласи дека нивните имиња денес се дел од историјата на Прилеп, а нивната жртва е вградена во борбата за слобода.

„Сеќавањето и оддавањето почит е наша обврска кон минатото, но и кон идните генерации. Треба да ги знаеме нивните имиња, да ги паметиме нивните дела и да знаеме што претставува Дабница за Прилеп и зошто овие места мора да се чуваат“, наведе Проданоски.

Дабница во тој период била една од базите на Првиот прилепски партизански одред. Неколку дена пред масакрот, на 14 септември 1942 година, во борбата кај Мукос загинале десет партизани од одредот, додека голем број жители на Дабница биле уапсени и однесени во прилепската касарна.

Меѓу жртвите од 19 септември бил и народниот херој Добре Јованоски. Истиот ден, во прилепската касарна, по мачење бил убиен и Рампо Левката. Проданоски истакна дека имињата на двајцата народни херои се длабоко врежани во историјата на Прилеп.

Тој порача дека почитта кон жртвите не треба да се изразува само со зборови и положување венци, туку и преку грижата за местата што сведочат за минатото.

„Да не се повтори, но никогаш и да не се заборави. Местата на кои ја чуваме историјата не смеат да бидат претворени во депонии и запоставени простори“, нагласи Проданоски.

Според него, Општината ќе продолжи да инсистира на поголема заштита и уредување на спомен-обележјето и неговата околина, но за зачувување на историското наследство е потребна одговорност од сите граѓани.

„Историјата не се чува само со зборови и венци, туку и со односот што го имаме кон местата што сведочат за неа“, порача Проданоски.

Тој им оддаде почит на 18-те прилепчани убиени кај Дабница, на народните херои Добре Јованоски и Рампо Левката, како и на сите борци што ги вградиле своите животи во слободата на Прилеп и Македонија.

Одбележувањето има посебно значење и за основните училишта „Добре Јованоски“ и „Рампо Левката“, кои ги носат имињата на двајцата народни херои.

Проданоски им го честиташе патрониот празник на учениците, наставниците и стручните соработници во двете училишта, посакувајќи им тие да останат места каде што младите ќе стекнуваат знаење, ќе растат во духот на одговорноста и чесноста и ќе ја запознаваат историјата на својот град.

Share
Scroll to Top