Одговор на Трамп? Канада предлага сојуз со Обединетото Кралство и ЕУ

Одговор на Трамп? Канада предлага сојуз со Обединетото Кралство и ЕУ

пред 2 часа

Обединетото Кралство треба да се приклучи кон предложениот економски сојуз меѓу Канада и Европа, изјави канадскиот министер за финансии Франсоа-Филип Шампањ. Според него, светот и Америка се променети, што наметнува потреба од промени во меѓународните односи. Целта е да се изгради конкретен сојуз за иднината, изјави тој за Би-Би-Си.

Нов сојуз
Коментарите на канадскиот министер доаѓаат по предлогот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, да се отвори можност за придружно членство на Канада во Европската унија – потег без преседан. Кратко потоа, Марк Карни се обрати пред Европскиот парламент во Стразбур со цел, како што рече Шампањ, „да се изгради сојуз на иднината“.

Карни, поранешниот гувернер на Банката на Англија, претходно се залагаше за сојуз на „средни сили“ кои би соработувале за поттикнување на економскиот раст, отпорноста и безбедноста. Во разговор за Би-Би-Си, Шампањ нагласи дека Обединетото Кралство и Канада ги делат истите вредности.

„Треба поинаку да гледаме на партнерствата, а одлично е тоа што Канада и, би рекол, Обединетото Кралство ги делат истите вредности. Имаме многу слични визии за светот. Зошто да не ги здружиме силите?“ – изјави тој. Тој истакна дека иако двете земји се независни и суверени, тие се посилни кога се заедно.

Односите со САД
Оваа иницијатива се одвива во контекст на новите глобални царини воведени од американскиот претседател Доналд Трамп по неговото враќање во Белата куќа минатата година – царини што ги погодија и долгогодишните сојузници, како што е Обединетото Кралство. Иако Лондон минатиот јуни договори нов трговски договор со САД, потенцијалниот сојуз меѓу Канада и ЕУ отвора прашања за позицијата на Британија по Брегзит.

Односите со САД исто така се преиспитуваат, особено по неодамнешните промени во претседателската реторика во врска со Фолкландските Острови и обединувањето на Ирска. Дипломатските активности се интензивираа.

Минатата недела, Карни се сретна со британскиот премиер Енди Барнам во Ливерпул, додека во петокот Шампањ присуствуваше на состанокот на министрите за финансии на ЕУ во Даблин, на кој присуствуваше и британскиот канцелар Џон Хили.

Разговорите за поблиски врски меѓу Канада и ЕУ се одвиваат во услови на ескалирачка трговска војна меѓу Канада и САД. Двете страни воведоа реципрочни царини откако преговорите пропаднаа во август. Претседателот Трамп ѝ се закани на Европската Унија со дополнителни царини доколку планот за придружно членство се покаже како „непријателски“ кон САД. Тој ја отфрли идејата како смешна и ја нарече Канада „ужасен трговски партнер“.

Шампањ изјави дека Канада не го избрала овој конфликт. „Реагиравме бидејќи, во одреден момент, мора да се каже ’доста е‘. Никој не смее да го поткопува нашиот економски суверенитет… светот го забележа ова“, рече тој.

Текстот Одговор на Трамп? Канада предлага сојуз со Обединетото Кралство и ЕУ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top