Македонскиот рубин добива систем на заштита: од заштитено име до меѓународна афирмација

Македонскиот рубин добива систем на заштита: од заштитено име до меѓународна афирмација

пред 11 часа

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја заокружува клучната институционална фаза од процесот на заштита и афирмација на „Македонски рубин“ – од иницијативата покрената во 2025 година, преку изработка на Елаборат и правна заштита на географскиот назив, до формирање Комисија која ќе обезбедува стручна контрола, квалитет и следливост.

Министерката Сања Божиновска истакна дека заштитата на „Македонски рубин“ не е само формален административен процес, туку воспоставување систем со кој едно природно богатство на Македонија треба да добие јасни правила, институционална гаранција и дополнителна економска вредност.

„Природата ни го дала ова богатство. Стручните лица го утврдуваат неговото потекло и неговите својства. Институциите ја обезбедуваат правната заштита и контролата, а занаетчиите и обработувачите му даваат форма и дополнителна вредност. Нашата задача е да создадеме систем во кој секој што ќе го види името „Македонски рубин“ ќе знае дека зад него стојат автентично потекло, проверен квалитет, јасен стандард и институционална гаранција“, порача Божиновска.

На 17 јуни 2026 година, Државниот завод за индустриска сопственост донесе решение со кое географскиот назив „Македонски рубин“ беше заштитен.

Со ова, името „Македонски рубин“ добива правна заштита, но и се отвора следната фаза – практична примена на заштитата и воспоставување систем кој ќе гарантира дека називот се користи само за производи што ги исполнуваат утврдените услови.

Министерката Божиновска нагласи дека заштитата има конкретна цел – да се спречи злоупотреба на името и да се обезбеди сигурност и за производителите и за купувачите.

„Името „Македонски рубин“ може да се користи само кога е потврдено потеклото, обезбедена е следливост, спроведена е стручна контрола и се исполнети условите утврдени со Елаборатот и законската рамка“, рече Божиновска.

Системот ќе опфаќа евиденција на материјалот, утврдување на неговото потекло, стручна контрола на квалитетот, следливост од местото на потекло, преку обработката, до означувањето и продажбата, како и јасно дефинирани услови за користење на заштитениот назив.

Предвидено е и воспоставување јавен регистар на физички и правни лица кои ги исполнуваат законските услови за активности поврзани со вадење, обработка, промет и продажба на македонскиот рубин.

Посебно значаен чекор е воспоставувањето систем на сертификација.

Сите релевантни информации за потеклото, исполнувањето на условите и стручната контрола ќе бидат содржани во сертификатот, а дополнително ќе биде изработен и QR-код преку кој купувачот со едно скенирање ќе може да ги добие информациите содржани во сертификатот.

Очекувањето е првиот QR-код да биде изработен до крајот на октомври.

„Кога граѓанинот, туристот или странскиот купувач ќе го види називот „Македонски рубин“, треба да биде сигурен дека зад тоа име стојат автентично потекло, проверен квалитет и институционална гаранција. Токму затоа воспоставуваме систем на сертификација, евиденција и следливост“, порача Божиновска.

Паралелно со националната заштита, институциите работат и на создавање услови за меѓународна афирмација на „Македонски рубин“.

Државниот завод за индустриска сопственост ја подготви и достави до Владата Информацијата со Предлог-одлука за пристапување на Македонија кон Женевскиот акт на Лисабонскиот договор за ознаки на потекло и географски ознаки.

По донесувањето на одлуката и спроведувањето на потребните постапки за формално пристапување, ќе се создадат услови да се разгледа можноста за меѓународна заштита на географската ознака „Македонски рубин“ преку Лисабонскиот систем.

„Нашата амбиција е јасна – македонскиот рубин да биде препознатлив и ценет во Македонија, во регионот и на меѓународниот пазар. Меѓународната препознатливост започнува со кредибилен и функционален систем во нашата држава“, истакна министерката.

„Македонски рубин“ добива и свое место во Министерството. Во рамките на активностите за афирмација на македонскиот рубин, на прес-конференцијата беше посочено и значењето на мини-галеријата во просториите на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, посветена на овој природен ресурс но и на останатите минерални богатства на нашата земја.

Мини-галеријата е опремена во соработка со Дејан Шкартов – Деко и невладината организација „Откритие“, со која Министерството претходно потпиша Меморандум за соработка.

Министерката Божиновска истакна дека заштитата на рубинот не завршува со административното решение.

„Ние не сакаме само да го заштитиме името. Сакаме да ја заштитиме приказната, потеклото и вредноста што стои зад тоа име. Затоа паралелно работиме на системот на контрола и сертификација, но и на неговата афирмација. Мини-галеријата е мал простор, но носи голема порака – дека природното богатство треба да го запознаеме, да го чуваме и да му дадеме вредност“, рече Божиновска.

Паралелно, во тек е изработката на новиот Закон за рударство, во кој прашањата поврзани со практичната примена на заштитата на географската ознака „Македонски рубин“ ќе бидат соодветно усогласени.

Следуваат официјално информирање и едукација на занаетчиите, обработувачите, производителите, трговците и потенцијалните овластени корисници за условите за користење на заштитениот назив, начинот на евидентирање и контролата, како и обврските при означувањето, обработката, продажбата и промоцијата.

„Од геолошко богатство – кон заштитено име. Од заштитено име – кон сертифициран производ. Од сертифициран производ – кон препознатлив национален бренд. И од национален бренд – кон нова економска вредност за Македонија. Тоа е системот што го градиме“, порача Божиновска.

Текстот Македонскиот рубин добива систем на заштита: од заштитено име до меѓународна афирмација е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top