Димитриеска-Кочоска на Светскиот економски форум во Њујорк: Инвестициите и соодветното финансирање се клучни за енергетска сигурност и одржлив економски раст

Димитриеска-Кочоска на Светскиот економски форум во Њујорк: Инвестициите и соодветното финансирање се клучни за енергетска сигурност и одржлив економски раст

пред 3 часа

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска учествуваше на работната сесија „Поттикнување на растот во новата економија“, организирана во рамки на „Состаноците за влијанието врз одржливиот развој 2026“ (Sustainable Development Impact Meetings 2026) на Светскиот економски форум, што се одржуваат во Њујорк.

На сесијата, на која учествуваа високи претставници на влади, меѓународни институции и бизнис-секторот, се разговараше за предизвиците и можностите што ги носи новата економија, со посебен фокус на обезбедувањето енергетска сигурност, пристапноста на енергијата и одржливоста како фактори за долгорочен економски раст и конкурентност.

Во фокусот на дискусијата беа различните пристапи кон енергетската транзиција и начините на кои владите и бизнисите можат да воспостават рамнотежа меѓу економскиот раст и одржливоста, како и улогата на новите технологии, инвестициите и партнерствата во економската трансформација.

Во тој контекст, беше истакната потребата од обезбедување соодветно финансирање и насочување на инвестициите кон капитални проекти што ќе придонесат за поголема енергетска сигурност и одржливост, при што ваквите инвестиции треба истовремено да бидат во функција на стабилен економски раст и јакнење на конкурентноста.

„Економиите треба да се насочат на долгорочен раст, кој што ќе се заснова исклучиво на продуктивност. Понатаму, во рамки на дискусијата беше исто така заклучено дека на секоја економија ѝ е потребна што е поголема диверсификација по којашто ќе има и поголема додадена вредност. Исто така беше посочено дека треба да се креира што е можно повеќе високопродуктивни работни места и последно, но секако најзначајно, е тоа дека и понатаму треба да работиме на што е можна поголема енергетска независност, поголема одржливост и поголема стабилност во снабдувањето со енергенси“, истакна министерката Димитриеска-Кочоска.

Беше посочено дека новите глобални економски услови бараат поширок пристап кон политиките за раст, кој покрај продуктивноста ги опфаќа и диверзификацијата на економската активност, создавањето високопродуктивни и квалитетни работни места, енергетската сигурност и јакнењето на долгорочната конкурентност.

За Македонија, овие прашања се особено значајни во контекст на заложбите за забрзување на економскиот раст и создавање услови за поголема конкурентност на домашната економија. Во таа насока, важна е поддршката на инвестициите и економската трансформација, како и создавањето услови за сигурно и одржливо снабдување со енергија, што е значајно и за граѓаните и за конкурентноста на компаниите.

Учеството на вакви меѓународни форуми претставува можност за размена на искуства и добри практики и за позиционирање на Македонија во глобалниот дијалог за политиките што ќе го обликуваат економскиот раст во следната деценија, се навеедува во соопштението на Министерството за финансии.

Текстот Димитриеска-Кочоска на Светскиот економски форум во Њујорк: Инвестициите и соодветното финансирање се клучни за енергетска сигурност и одржлив економски раст е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top