СДСМ и ДПМНЕ ја подарија Барутана на Мијалков и претседателот ФФМ Омерагиќ, велат од Левица

СДСМ и ДПМНЕ ја подарија Барутана на Мијалков и претседателот ФФМ Омерагиќ, велат од Левица

пред 2 часа

„Истражувањето на „Призма“ конечно го отвора прашањето што цело време го поставуваме за Барутана: кој стои зад притисокот за нов ДУП и кому му одговара да се урбанизира токму овој дел од Водно? Истражувањето покажува дека зад нацрт-планот не стои некаква потреба на Центар за нови станбени капацитети, туку инвеститори кои во изминатите години систематски се позиционирале на најатрактивните парцели во Барутана“, истакнуваат од Левица.

Еден од најпознатите имиња (покрај Мијалков) од оваа бизнис-мрежа е Масар Омерагиќ, додаваат од партијата, претседателот на Фудбалската федерација на Македонија. „На самиот крај на 2025 година, неговата семејна компанија „Руле турс“ купува еден од двата плаца на „Енерго Максистем“ во Барутана“. Продажбата, како што наведуваат, се случува само неколку дена откако Уставниот суд го укинува стариот ДУП за Барутана, со што до донесувањето нов план не може да се одобруваат нови градби. „Омерагиќ, претходно продал една од своите компании на семејството Мијалкови, а е и инвеститор во зградите спроти Ист Гејт. Самата негова деловна позиција му овозможува чести контакти со политичкиот врв.

Четирите највисоки и најексклузивни локации во Барутана биле купени во ист ден во септември 2023 година, а потоа земјиштето продолжило да се окрупнува и да се менува неговата катастарска намена. Два плаца купува „Енерго Максистем“, а по еден „Интернешнл груп“ и „Енсоф капитал“. Денес, токму на тие локации, новиот ДУП предвидува хациенди од по 500 до 1.000 квадратни метри.

Два од плацевите ги купува „Енерго Максистем“, чија сопственичка е Сања Костовски. Компанијата претходно се водела на име на Тања Вујисиќ-Тодоровска, сопруга на Љупчо Тодоровски-Радникот, близок соработник на Сашо Мијалков. Истата компанија во 2025 година купи и речиси 19.000 квадратни метри државно земјиште кај Богородица, кое претходно било конфискувано од Мијалков.

Другиот плац го купува „Интернешнл груп“, компанија со сопственичка структура поврзана со Струмица и Бугарија. Сопствениците на една од бугарските компании преку кои е структурирана „Интернешнл груп“ се таткото и синот Симеон и Горан Крстев, при што „Призма“ го поврзува Горан Крстев со бизнис-мрежа во која се појавуваат компании и лица поврзани со семејството на Зоран Заев.

И тука станува особено интересно: „Енерго Максистем“ и „Интернешнл груп“ претходно се натпреварувале за земјиштето кај Богородица, кое било конфискувано од Мијалков, за потоа да станат деловни партнери. Откако „Енерго Максистем“ го добива земјиштето, му продава половина на „Интернешнл груп“, а потоа двете компании основаат и заедничка фирма. Значи, фирмите кои синхронизирано се појавуваат како купувачи на најатрактивните парцели на Водно веќе имаат воспоставени деловни врски.

„Енсоф капитал“, пак, својот плац го купува на истиот ден во септември 2023 година. Сопственикот Роберт Новески потоа основа заедничка фирма со Сања Костовски од „Енерго Максистем“. А на крајот од 2025 година, во оваа веќе испреплетена бизнис-мрежа влегува и „Руле турс“ на Омерагиќ, преку купувањето на едниот од плацевите на „Енерго Максистем““.

Според Левица најдиректниот пример за односот меѓу приватниот интерес и урбанистичкото планирање е „Лутарико“.

Компанијата, појаснуваат од таму, поседува околу 4.000 квадратни метри земјиште над Панорамика и во 2024 година од Општина Центар бара изработка на нов ДУП, а самата го финансира неговото изработување. Земјиштето, нагласуваат, претходно било заведено како парк, а на стариот план биле предвидени државни објекти.

„Откако компанијата успева да го впише како градежно земјиште, следува иницијативата за нов ДУП, а во актуелниот нацрт-план на тие 4.000 квадратни метри се предвидени пет приватни куќи, сите поголеми од 500 квадратни метри. Еден од сопствениците на „Лутарико“, Ѓорѓи Вуков, преку друга своја компанија има добивано и тендери од Општина Центар.

Прво се купува земјиштето, потоа се обезбедува урбанистичка рамка што ќе овозможи на тоа земјиште да се гради, а во случајот со „Лутарико“ приватниот инвеститор дури и го плаќа планот од кој директно има имотен интерес. Така урбанистичкото планирање, наместо да го определува јавниот интерес и развојот на градот, станува инструмент преку кој приватно земјиште добива нова и многу поголема економска вредност.

И затоа е крајно симптоматично што нацрт-ДУП-от за Барутана беше изгласан со гласовите на „непомирливите противници“ СДСМ и ДПМНЕ во Советот на Општина Центар.

А на чело на Општина Центар е Горан Герасимовски, кој од вчера е и нов потпретседател на СДСМ. Честитки до Герасимовски за напредувањето во партијата. Очигледно добро си ја завршил задачата во Центар – доволно добро за од градоначалник да станеш потпретседател на СДСМ токму во момент кога неговата општина турка ДУП за Барутана со поддршка и од СДСМ и од ДПМНЕ“.

Овие партии, оценуваат во Левица, се ништо друго освен добри послушници на градежниот капитал, спремни да ја жртвуваат јавната сопственост, урбаниот простор и квалитетот на живот на граѓаните за туѓ профит. За нив, потенцираат, граѓанинот е само пречка меѓу инвеститорот и неговата следна маркичка.

Текстот СДСМ и ДПМНЕ ја подарија Барутана на Мијалков и претседателот ФФМ Омерагиќ, велат од Левица е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top