Публиката го познава како Роки Балбоа и Рамбо, ликови што издржуваат удари и продолжуваат понатаму. Но Силвестер Сталоне вели дека неговото сопствено детство било обележано со насилство, запоставување и недостиг од родителска нежност.
Во разговор за „Њујорк тајмс“, 80-годишниот актер откри дека дел од најтешките спомени ги изоставил од мемоарите „The Steps“, кои треба да излезат на 29 септември. Не сакал книгата да биде повик за сожалување, иако, како што рече, она што го преживеал било „лудо“.
Сталоне раскажа дека како многу мал живеел во пансион, каде што за него се грижеле непознати луѓе, додека родителите го посетувале само еднаш месечно. По нивниот развод живеел со татко му во Мериленд. Го опиша како човек со нагли изливи на гнев, од кого научил да се трга кога ќе насети дека ќе биде удрен.
Особено му останал во сеќавање денот кога татко му го испратил да купи леб пред да одат во црква. Сталоне се задржал со пријателите и се вратил со погрешен вид леб. Според неговото сведоштво, татко му го удрил и го клоцнал во стомакот, а потоа заминал со автомобилот, оставајќи го да лежи на улица.

Актерот рече дека ни од мајка му не добивал прегратки. Затоа памети еден редок миг на нежност од татко му: како дете заспал во автомобилот, а татко му ја потпрел неговата глава на своето колено и му ставил рака на главата. Тој мал гест, вели Сталоне, никогаш не го заборавил.
Сталоне смета дека тие искуства го направиле цврст, но и дека долго време му отежнувале да ја разбере блискоста. Во интервјуто рече дека дури подоцна во животот почувствувал што за него значи вистинска љубов, во односот со сопругата и децата.






