(Видео) Киднапирале и мачеле луѓе во вила: уапсени седум Срби во Шпанија

(Видео) Киднапирале и мачеле луѓе во вила: уапсени седум Срби во Шпанија

пред 2 часа

Шпанската полиција уапсила седум српски државјани во Естепона, под сомнение дека киднапирале и мачеле луѓе во вила. Полицајците во објектот пронашле двајца голи и крвави мажи, врзани во просторија опремена за мачење.

Според шпанските медиуми, просторијата била целосно прекриена со пластика, а во неа имало столче и чекан, за кој се сомнева дека бил користен за тепање. Пронајдени биле и пиштол и пластични врски.

При претресот на вилата и околината биле пронајдени и две автоматски пушки АК-47, уште еден пиштол и три рамки со муниција. Оружјето е испратено на балистичко вештачење за да се утврди дали било користено во други кривични дела, меѓу другото и во областа Марбеља.

Уапсени се седуммина Срби на возраст од 24 до 35 години. Според полицијата, никој од нив немал пријавено живеалиште. Во вилата бил пронајден и биолошки материјал, што на истражителите им помогнал да идентификуваат и други членови на групата.

Според истрагата, групата е осомничена за трговија со кокаин и хашиш, како и за изнуда, а дејствувала во повеќе шпански региони. Дел од уапсените, според Националната полиција, веќе имале досиеја за насилни разбојништва и трговија со дрога.

Истражителите се сомневаат дека двајцата пронајдени мажи, на возраст од 45 и 31 година, исто така биле членови на истата криминална организација и дека биле мачени поради внатрешен конфликт во групата.

Случајот бил откриен откако партнерката на еден од киднапираните се јавила во полиција. Таа рекла дека мажот ѝ најавил дека оди на сомнителна работа и ѝ кажал да повика полиција доколку не ѝ се јави во рок од десет минути.

Кога полицајците пристигнале во вилата, забележале маскирани лица. Потоа од објектот излегол гол и крвав маж, кој извикал: „Ме киднапираа и ќе ме убијат!“

Еден од осомничените се обидел да побегне со огнено оружје, а друг фрлил торба со пушките АК-47 во дворот на соседна куќа. Во полициската потера биле повредени тројца полицајци.

Текстот (Видео) Киднапирале и мачеле луѓе во вила: уапсени седум Срби во Шпанија е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top