Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, присуствуваше на завршниот настан на проектот „Младински политики по мерка на младите“, во Битола.
На настанот поздравни обраќања имаа и градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, директорот на МЦМС Александар Кржаловски и претседателката на Про Локал Емилија Ѓероска.
Проектот е насочен кон зајакнување на учеството на младите и граѓанските организации во креирањето политики и процесите на донесување одлуки на локално и национално ниво.
„Младите не се само иднината. Тие се сегашноста на оваа држава и мора да имаат свое место во процесите во кои се носат одлуките што директно го определуваат нивниот живот. Младите треба да бидат прашани, но уште поважно – треба да бидат слушнати, а нивниот глас да има видлива врска со конкретната промена во нивната заедница“, истакна Велковски.
Во рамки на проектот, девет општини од Пелагонискиот регион, граѓански организации и млади воспоставија Регионална платформа за млади, како механизам за идентификување, анализа и преточување на младинските потреби во конкретни мерки.
Преку пет одржани сесии на Регионалната платформа, усвоени се 24 мерки приоритетни за младите, од кои 13 веќе се имплементирани. Мерките се однесуваат на области од непосредно значење за младите – образование, спорт, јавен превоз и мобилност, ментално и физичко здравје, култура, туризам, животна средина, волонтерство и младинско претприемништво.
„Најважниот резултат не е само бројот на реализирани мерки. Најважно е што е воспоставен процес во кој младите кажуваат што им е потребно, нивните потреби се проверуваат преку анализи и факти, а институциите, локалната самоуправа и граѓанскиот сектор заеднички бараат решенија“, посочи министерот.
Велковски нагласи дека искуството од Пелагонискиот регион покажува дека локалните иницијативи можат да бидат значаен придонес за унапредување на националните младински политики.
Во рамки на проектот е спроведена и национална проценка на примената и ефектите од Законот за младинско учество и младински политики, со опфат на сите плански региони, а наодите се преточени во препораки за негово унапредување.
„Како Министерство, овие искуства и препораки ги гледаме како важен придонес во процесот на унапредување на младинската политика. Нашата определба е јасна – да креираме политики што се засноваат на реални потреби, на податоци и на директен дијалог со младите“, рече Велковски.
Тој посочи дека државата треба да создава услови младите, без разлика каде живеат, да имаат реални можности за образование, работа, претприемништво, култура, спорт, мобилност и активно учество во општеството. Особено, како што нагласи, потребно е да се намалат разликите во пристапот до можности и услуги меѓу младите во урбаните и руралните средини.
„Ако сакаме младите да останат, да се развиваат и својата иднина да ја гледаат овде, мора да создадеме средина во која тие ќе имаат можности, но и чувство дека нивниот глас има значење“, истакна министерот за социјална политика, демографија и млади.
На завршниот настан беа презентирани и препораките за измени и дополнувања на Законот за младинско учество и младински политики, како и резултатите од малите проекти по мерка на младите. Во рамки на настанот се одржа и свечено доделување на наградите на бизнис иноваторите од Пелагонија, во рамки на Регионалниот натпревар на иновативни бизнис идеи за младите од регионот.
Проектот „Младински политики по мерка на младите“, чиј носител е граѓанската организација „Про Локал“ од Битола, се реализира во партнерство со осум локални граѓански организации, со финансиска поддршка од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.
Текстот Велковски: Младите мора да бидат слушнати и вклучени во креирањето на политиките е превземен од МАКФАКС.





