Стинг денеска слави 75 години: Џемперот поради кој Гордон Самнер го доби своето славно име

Стинг денеска слави 75 години: Џемперот поради кој Гордон Самнер го доби своето славно име

пред 2 часа

Едно од најпрепознатливите имиња во светската музика започнало како шега меѓу колеги. Стинг, кој денеска го слави 75. роденден, е роден на 2 октомври 1951 година како Гордон Самнер. Прекарот што подоцна го дозна целиот свет го добил додека свирел во локален џез состав во Англија.

На еден настап со групата „Phoenix Jazzmen“, младиот басист носел џемпер со црни и жолти линии. Облеката го потсетила еден од музичарите на пчела, па почнал да го вика Стинг. Прекарот останал со него и кога почнал да настапува на многу поголеми сцени.

Самнер пораснал во Волсенд, место на североистокот на Англија познато по бродоградбата. Пред да се посвети целосно на музиката, работел и како учител. Истовремено свирел бас во неколку локални состави и ги пишувал своите први песни.

Пресвртницата дошла кога го запознал тапанарот Стјуарт Коупленд. Стинг се преселил во Лондон, каде што двајцата, заедно со гитаристот Анри Падовани, ги поставиле темелите на „The Police“. Падовани подоцна го заменил Енди Самерс, со што се офорила поставата што ќе стане светски позната.

Почетоците на триото биле скромни, но упорните настапи им донеле публика. Песните „Roxanne“, „Message in a Bottle“, „Walking on the Moon“ и „Every Breath You Take“ го претвориле „The Police“ во еден од најуспешните бендови на своето време.

По успехот со групата, Стинг во 1985 година го објавил првиот солоалбум, „The Dream of the Blue Turtles“. На него соработувал со џез музичари и покажал дека е подготвен да истражува поинаков звук. Во децениите што следувале, песни како „Englishman in New York“, „Fields of Gold“ и „Shape of My Heart“ станале неизоставен дел од неговиот репертоар.

Стинг го дочекува 75. роденден и понатаму активен на сцената. Деновиве настапува во Лондон во нова продукција на својот мјузикл „The Last Ship“, инспириран од бродоградителската заедница во која пораснал. На 5 октомври треба да ја продолжи и турнејата „STING 3.0“ во Северна Америка.

Од црно-жолтиот џемпер во локален џез бенд до светските сцени, прекарот Стинг стана дел од музичката историја.

Share
Scroll to Top