Венс: Разговараме со иранските лидери, но не знаеме колкава вистинска моќ имаат

Венс: Разговараме со иранските лидери, но не знаеме колкава вистинска моќ имаат

пред 4 часа

Американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс во ексклузивно интервју за „Ројтерс“ изјави дека Иран мора значително да ги намали своите капацитети за збогатување ураниум за да ги исполни барањата на САД и да стави крај на седуммесечната војна меѓу двете земји, додека Вашингтон останува во неизвесност околу тоа како се носат одлуките во Техеран.

Венс, долгогодишен противник на американското учество во странски војни, презеде водечка улога во преговорите за решавање на конфликтот; во јуни тој посредуваше во постигнувањето привремен мировен договор кој набрзо пропадна. Војната ги потресе глобалните енергетски пазари и стана политички товар за претседателот Доналд Трамп и неговите сопартијци републиканци пред ноемвриските избори за Конгресот.

Говорејќи во понеделникот по предизборната посета на Алјаска, Венс рече дека секој договор би барал од Иран да го намали капацитетот за збогатување ураниум, наместо само да дава гаранции во врска со идни намалувања на нуклеарните капацитети.

„Ако не сакате нуклеарно оружје, тогаш зошто ви е потребно гориво збогатено до 60 проценти? И ако сакате да покажете посветеност да не градите нуклеарно оружје, не произведувајте високо збогатено гориво“, рече Венс.

„Мислам дека ако сакаат да покажат посветеност да не градат нуклеарно оружје, треба да направат нешто значајно во врска со нивните капацитети за збогатување.“

Во последните недели, Иран и САД разменија предлози насочени кон завршување на војната и повторно отворање на Ормускиот теснец, клучна глобална рута за транспорт на енергенси. Трамп ја отфрли најновата понуда на Техеран и предупреди дека воените операции би можеле да се интензивираат по изборите на средината на мандатот.

Венс изјави дека САД остануваат отворени за договор, но ќе бараат конкретни отстапки од Иран во врска со неговата нуклеарна програма. „Нема да менуваме зборови за дела“, рече Венс.

„Дополнителен проблем е фактот што Вашингтон не е сигурен кој носи одлуки во Техеран“, изјави Венс.

Венс рече дека САД преговараат со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан и со министерот за надворешни работи Абас Аракчи. Сепак, нејасно е колкаво реално овластување имаат тие во рамките на иранската структура на власт, рече тој, по убиството на врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи во американско-израелските напади на почетокот на војната.

„Една од работите што ги забележавме е дека не е сосема јасно како нивната земја носи одлуки“, рече Венс.

Трамп во вчера изјави дека неговиот „најголем проблем“ е тоа што никој не знае кој управува со Иран.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи во неделата изјави дека американските претставници добро знаат кои се нивните ирански соговорници и како функционира системот за носење одлуки во Иран.

Текстот Венс: Разговараме со иранските лидери, но не знаеме колкава вистинска моќ имаат е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top