Словачкиот премиер Роберт Фицо денес изјави дека Европската Унија има големи проблеми со нафтата и горивата и дека очекува дека надоместоците за емисии на стакленички гасови ќе доведат до повисоки цени на горивото, домувањето и енергијата, што, како што рече, ќе ги отежни есента и зимата.
На видеоконференцијата на групата „Пријатели на конкурентноста“, на која присуствуваа 19 европски лидери, Фицо рече дека Словачка, заедно со земјите од Вишеградската група, инсистира системот ETS2, кој предвидува намалување на емисиите на штетни гасови во ЕУ до 2030 година за 42 проценти во споредба со 2025 година, да се воведе дури по 2030 година, пренесува TA3.
Тој нагласи дека високите цени на енергијата, дозволите за емисии и горивата за Словачка, како индустриска земја со отворена економија, се клучни прашања кога станува збор за економски раст и зачувување на работните места.
„Конкурентноста на европската индустрија е неразделно поврзана со цените на енергијата“, рече Фицо.
Фицо го поддржа поедноставувањето на европските правила и намалувањето на административните и регулаторните оптоварувања, велејќи дека европските компании треба да се соочат со помалку бирократија за подобро да се натпреваруваат со компаниите од другите големи економии.
„Ако Европската Унија сака да преживее во глобалната конкуренција, мора да создаде услови во кои европската индустрија ќе може да произведува по конкурентни цени. За Словачка, прашањето за цените на енергијата и заштитата на индустријата е затоа апсолутен приоритет“, заклучи Фицо.
Текстот Фицо: Есента и зимата ќе бидат тешки поради зголемувањето на цените на енергијата и горивата е превземен од МАКФАКС.






