Претседателката Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Турција, Алпер Акташ

Претседателката Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Турција, Алпер Акташ

пред 2 часа

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Турција, Алпер Акташ.

Посакувајќи му добредојде, таа изрази уверување дека во неговиот мандат добрите македонско-турски односи ќе станат уште подобри.

За неа, Турција е не само наш стратешки партнер и значаен сојузник во НАТО, туку и искрен пријател којшто ги разбира македонските приоритети.

Во формирањето на Советот за соработка на високо ниво, таа препознава политички чекор напред.

За амбасадорот Акташ, стратешкото партнерство е од голема важност за обете земји.

Сиљановска-Давкова гледа отворен простор за соработка во економијата, трговијата, одбраната, инфраструктурата, енергетиката, туризмот, културата и образованието.

Таа ја поздрави Балканската платформа за мир, иницирана од Република Турција, како рамка за градење регионална стабилност низ дијалог.

За двајцата, турската заедница е важен сегмент на македонскиот етнички и религиозен мозаик, како што и граѓаните со македонско потекло во Турција се цврст меѓудржавен мост.

Тие споделија лични приказни коишто ги поврзуваат: амбасадорот Акташ укажа на своето македонско семејно потекло, а претседателката потсети дека е родена во турска куќа во Охрид.

На крајот, таа му посака успех во извршувањето на одговорната амбасадорска функција.

Текстот Претседателката Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Турција, Алпер Акташ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top