Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, одржа предавање и разговараше со студентите на Виенската дипломатска академија за енергетските приоритети и стратешките проекти на Македонија.
Средбата се одржа во рамките на нејзината работна посета на Виена и учеството во извршната програма за обука „Жени лидери – Југоисточна Европа и Црно Море/Јужен Кавказ 2026“.
Во отворената дискусија со идните дипломати, Божиновска се осврна на состојбите во македонскиот енергетски сектор и на приоритетите за неговиот развој. Ги претстави проектите за диверзификација на енергетските извори и модернизација на инфраструктурата, како и активностите насочени кон поголема енергетска независност и сигурно снабдување.
Студентите поставуваа прашања и имаа можност непосредно да се запознаат со предизвиците при креирањето и спроведувањето на енергетските политики. Во разговорот беше опфатена и поврзаноста на овие политики со економскиот развој и меѓународната соработка.
Како дел од програмата, министерката учествуваше и на сесијата „Дигитална дипломатија“, на која се разгледуваше употребата на дигиталните алатки во современите дипломатски односи и меѓународната комуникација.
За време на престојот во Виена, Божиновска оствари и средба во Сојузното министерство за европски и меѓународни работи на Австрија. Средбата беше насочена кон продолжување на институционалниот дијалог и унапредување на соработката, информираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.






