Сулејмани: Преспанскиот регион ќе стане симбол на новата соработка меѓу Северна Македонија, Грција и Албанија – потпишанa заедничкa изјава за патот кон УНЕСКО

Сулејмани: Преспанскиот регион ќе стане симбол на новата соработка меѓу Северна Македонија, Грција и Албанија – потпишанa заедничкa изјава за патот кон УНЕСКО

пред 3 часа

Со потпишување на заедничката изјава, министрите за култура на Северна Македонија, Грција и на Албанија на денешната трилатерална средба во Грција, ја потврдија заедничката заложба за заштита и афирмација на природното и културното наследство на Преспанскиот Регион, како и за заедничка подготовка на неговата номинација за Листата на светското наследство на УНЕСКО.

Изјавата ја потпишаа министерот за култура и туризам на Северна Македонија, Седат Сулејмани, министерката за култура на Грција, Лина Мендони и министерот за туризам, култура и спорт на Албанија, Бленди Гонџја.

На средбата присуствуваа и Михалис Рокас, амбасадор и шеф на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, Синиша Шешум, раководител на канцеларијата на УНЕСКО во Сараево при Регионалното биро на УНЕСКО во Венеција, постојаната координаторка на Обединетите нации во Северна Македонија, Рита Колубија, како и претставници на локалните самоуправи и институциите од трите земји.

Во своето обраќање, министерот Сулејмани истакна дека заедничката номинација за УНЕСКО е следен суштински чекор во соработката меѓу трите земји, нагласувајќи дека целта не е само меѓународно признание, туку долгорочно и одржливо управување со регионот, со конкретни придобивки за локалните заедници.

„Преспа, природно и историски, отсекогаш била една целина, иако нејзините брегови ги делат три соседни држави. Токму во таа сложена убавина лежи и нашата одговорност: да ја претвориме во причина за континуирана, добро координирана и резултатски ориентирана соработка“, порача Сулејмани.

Тој посочи дека трите земји веќе имаат добра основа за продлабочување на соработката, потсетувајќи на реализираните активности и проекти во кои учествувале институции и експерти од Северна Македонија, од Грција и од Албанија.

Како значајни примери ги истакна соработката со Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Грција, во чии рамки се реализира конзервацијата на живописот во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, активностите со албанските институции на островот Мал Град, како и проектот „ACT4PRESPA“, поддржан од Европската Унија.

„Овие искуства покажуваат дека соработката постои, но и дека можеме да ја зголемиме“, истакна Сулејмани, додавајќи дека токму преку заедничкото знаење, добрата волја и заедничкиот интерес, Преспа може да прерасне во пример за успешна прекугранична соработка и заедничка заштита на наследството.

„Преспа заслужува да биде простор каде што разликите се почитуваат, а заедничките вредности се негуваат. Кога ги спојуваме знаењето, добрата волја и заедничкиот интерес за овој регион, ние не градиме само проекти – градиме трајна и зрела соработка меѓу нашите три земји“, рече Сулејмани.

Текстот Сулејмани: Преспанскиот регион ќе стане симбол на новата соработка меѓу Северна Македонија, Грција и Албанија – потпишанa заедничкa изјава за патот кон УНЕСКО е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top