Пентагон планира директен пренос на смртна казна со стрелање, Венс вели: Нема да гледам

Пентагон планира директен пренос на смртна казна со стрелање, Венс вели: Нема да гледам

пред 2 часа

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изрази сомнеж дека Пентагон навистина ќе го пренесува во живо погубувањето на Нидал Малик Хасан, осуден за нападот во воената база Форт Худ, кое е закажано за декември. Венс изјави дека лично нема да го гледа преносот доколку се реализира, пишува Асошиејтед прес (АП).

„Не знам дали тоа навистина ќе се случи“, одговори Венс на новинарско прашање за плановите што Пентагон ги потврди претходно оваа недела.

Тој нагласи дека, без оглед на контроверзиите околу начинот на погубување, не треба да се заборават злосторствата на Хасан, кој во вооружен напад во воената база во 2009 година убил 13, а ранил 32 лица.

„Се надевам дека луѓето нема да заборават дека ова е човек кој брутално уби многу невини луѓе. Сепак, ако на крајот има пренос во живо, јас нема да го гледам“, изјави Венс.

Американскиот претседател Доналд Трамп го поддржа погубувањето на Хасан со стрелање, оценувајќи дека ја заслужил смртната казна.

Сепак, не даде јасен одговор дали поддржува директен пренос.

„Ќе биде погубен со стрелање. Всушност, сеедно ми е како ќе заврши, само да биде погубен. Мислам дека смртната казна во неговиот случај е сосема соодветна“, изјави Трамп.

Планот за јавно пренесување на погубувањето предизвика остри реакции. Надбискупот Пол С. Коукли, претседател на Конференцијата на католичките бискупи на САД, ја осуди одлуката на Министерството за одбрана, нарекувајќи ја „варварско промовирање на културата на смртта“ и побара таа да биде преиспитана.

Трамп го одобри погубувањето со стрелање неколку дена по неуспешниот обид за погубување на Криста Пајк со смртоносна инјекција кон крајот на минатиот месец, по што гувернерот на Тенеси ги суспендираше сите преостанати погубувања во државата до крајот на годината.

Според американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, војската не извршила погубување со стрелање од Втората светска војна.

Последното воено погубување во САД било извршено на 13 април 1961 година, кога војникот Џон Бенет бил обесен.

Текстот Пентагон планира директен пренос на смртна казна со стрелање, Венс вели: Нема да гледам е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top