Мицкоски: Слободата не е завршена приказна, секоја генерација мора да ја продолжи

Мицкоски: Слободата не е завршена приказна, секоја генерација мора да ја продолжи

пред 2 часа

Премиерот Христијан Мицкоски, по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, порача дека празникот не треба да биде само ден на сеќавање, туку и поттик за нова одговорност во зачувувањето на слободата.

„Пред осумдесет и пет години, во една од најтешките ноќи на нашата историја, имало луѓе кои не знаеле дали ќе го дочекаат утрото. Но, знаеле дека татковината мора да дочека подобро утро. Тие немале гаранција дека ќе победат. Немале сигурност дека ќе се вратат во своите домови. Немале можност да знаат како ќе изгледа светот што ќе го остават зад себе. Но, имале нешто посилно од стравот. Имале верба дека слободата вреди повеќе од сопствениот живот“, напиша Мицкоски на Фејсбук.

Тој истакна дека предците го направиле она што во нивното време изгледало невозможно – ја отвориле вратата на слободата, а денешните генерации имаат должност таа да остане отворена.

„Нашата должност е таа врата никогаш да не се затвори и низ неа да поминат генерации кои ќе живеат подобро, послободно и подостоинствено“, порача премиерот.

Во честитката, Мицкоски повика 11 Октомври да биде ден на одговорност за зачувување на слободата, нагласувајќи дека таа не е завршена приказна, туку дело што секоја генерација треба да го продолжи.

„Честит 11 Октомври! Да е вечна Македонија!“, напиша Мицкоски.

Текстот Мицкоски: Слободата не е завршена приказна, секоја генерација мора да ја продолжи е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top