„Од кога е срамота да се печали од земјоделие???“, напиша Симона Зорик, сопруга на апелацискиот судија Ѓоко Ристов, на социјалните мрежи по сведочењето на неговите родители за потеклото на 350.000 евра пронајдени во ѕид од семејната куќа во Неготино.
Нејзината реакција следува откако Здравко Ристов и Донка Ристова пред судот тврдеа дека парите се нивна заштеда, стекната со долгогодишна земјоделска работа.
Таткото на судијата, Здравко Ристов, на последното судење рече дека парите се негова и заштеда на сопругата, создадена со повеќедецениско производство и продажба на земјоделски производи, меѓу кои пиперки и грозје.
„Сум се мачел 89 години со овие десет прсти. На кого да ги пријавам тие пари?“, рече Ристов, објаснувајќи дека не им верувал на банките и затоа дел од заштедата ја чувале во готовина дома.
Обвинителката го соочи со резултатите од вештачењето, според кои на пронајдените пари не биле утврдени биолошки траги ниту од него ниту од неговата сопруга.
„Нема шанса“, одговори Ристов.
Тој потврди дека во куќата биле извршени два претреса – на 29 декември 2025 година и на 18 јануари 2026 година. Според неговото сведочење, при првиот претрес бил присутен и неговиот син Ѓоко, кој им помагал на лицата што го вршеле претресот.
„Ѓоко беше со нив, помагаше, го подместуваше фрижидерот, сè“, рече таткото.
Здравко Ристов тврдеше дека неговите деца не знаеле за скриените пари и дека уште при нивното пронаоѓање им кажал на истражителите дека заштедата им припаѓа нему и на сопругата.
„Кога ги најдоа парите, ме прашаа чии се. Јас им одговорив дека се лично наши, на сопругата и мои“, сведочеше тој.
Објаснувајќи како ја создале заштедата, Ристов рече дека заработените пари ги менувал во менувачници, вклучително и во банкноти од 500 евра. Според него, за дел од замените не добивал документи.
И неговата сопруга Донка Ристова пред судот тврдеше дека парите се нивна долгогодишна заштеда од земјоделие.
Текстот „Од кога е срамота да се печали од земјоделие?“: Сопругата на судијата Ристов реагираше по сведочењето на неговите родители за 350.000 евра е превземен од МАКФАКС.





