Нова програма за рано учење и развој во 11 детски градинки во државата

Нова програма за рано учење и развој во 11 детски градинки во државата

пред 4 часа

Министерството за социјална политика, демографија и млади, во соработка со Бирото за развој на образованието, УНИЦЕФ и експертски тимови, започнува со пилотирање на новата Програма за рано учење и развој, со цел унапредување на квалитетот на предучилишното воспитание и образование во државата.

На денешниот настан посветен на пилотирањето, министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, истакна дека овој процес претставува важен чекор кон создавање поквалитетна воспитно-образовна средина, во чиј центар се детето, неговите потреби, интереси, можности и индивидуален развој.

„Во фокусот на новата програма е детето, неговите потреби, интереси, можности и индивидуален развој. Таа е насочена кон создавање услови детето да учи преку игра, да истражува, да стекнува нови искуства, да ја унапредува комуникацијата и активно да учествува“, истакна министерот Велковски.

Пилотирањето ќе се спроведува во 11 детски градинки низ државата, избрани со цел да се опфатат различни регионални, јазични и социо-културни контексти. На овој начин ќе се овозможи проверка на јасноста, применливоста и соодветноста на Програмата во различни услови и средини во кои функционираат детските градинки.

Во своето обраќање, министерот Велковски ја нагласи важноста од активното учество на директорите, воспитувачите, стручните соработници и сите професионалци вклучени во процесот. Од нив се очекува да придонесат со своето знаење и искуство, да ги следат тековните состојби, да ги идентификуваат предизвиците и да споделуваат повратни информации што ќе помогнат во понатамошното унапредување на Програмата.

„Покрај позитивните искуства, сакаме да дознаеме и со кои потешкотии сте се соочиле, за што е потребно дополнително појаснување и кои делови од Програмата ќе треба да се дополнат или изменат. Само преку отворен и професионален дијалог можеме да дојдеме до решенија кои ќе бидат применливи и одржливи во секојдневната работа на градинките“, нагласи министерот.

Министерството за социјална политика, демографија и млади, во тесна соработка со Бирото за развој на образованието, УНИЦЕФ и експертските тимови, ќе го следи спроведувањето на пилотирањето, ќе обезбедува професионална поддршка и ќе ги собира искуствата и повратните информации од учесниците во процесот.

Притоа, министерот посочи дека пилотирањето не претставува инспекциски надзор, ниту оценување на работата на воспитувачите или детските градинки, туку можност за заедничко учење, проверка и унапредување на Програмата пред нејзината примена на национално ниво.

„Наша заедничка одговорност е новата Програма да не биде само на хартија, туку да биде јасна, флексибилна и применлива рамка за квалитетна воспитно-образовна работа“, истакна Велковски, изразувајќи уверување дека знаењето, професионалноста, искуството и посветеноста на сите вклучени ќе придонесат за успешно спроведување на пилотирањето.

Текстот Нова програма за рано учење и развој во 11 детски градинки во државата е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top