Шакира се расплака на концерт во Мадрид: „Поминав низ тешки моменти, но вие ми ја враќате силата“

Шакира се расплака на концерт во Мадрид: „Поминав низ тешки моменти, но вие ми ја враќате силата“

пред 4 часа

Шакира со солзи и лична порака се прости од публиката во Мадрид, признавајќи дека зад успешната серија концерти стоел тежок период во нејзиниот приватен живот. Колумбиската пејачка зборуваше за загриженоста за здравјето на својот татко и им се заблагодари на обожавателите за поддршката.

Последниот настап се одржа на 12 октомври во „Макондо парк“, со што заврши нејзината серија од 13 концерти во шпанската престолнина. Според шпанскиот весник „АС“, на завршната вечер присуствувале околу 55.000 луѓе.

„Мислам дека овој месец беше еден од најважните во мојата кариера. Овие концерти во Мадрид се историски за мене“, порача пејачката.

Но, додека зборуваше за професионалниот успех, Шакира откри дека изминатите недели биле исполнети и со лични грижи.

„Овој месец поминав низ тешки моменти поради здравјето на мојот татко, но и поради приватни проблеми за кои веќе знаете“, им рече таа на присутните.

Пејачката не прецизираше на кои приватни проблеми мисли. Наместо тоа, го насочи обраќањето кон публиката, истакнувајќи колку ѝ значеле заедничките вечери и љубовта што ја чувствувала од сцената.

„Поради вас, времето навистина запира и јас ја враќам силата. Уживав да бидам со вас како да сум на почетокот на својата кариера и никогаш нема да го заборавам тоа“, рече Шакира.

Посебен момент беше благодарноста до нејзиниот поранешен партнер Антонио де ла Руа, со кого беше во врска повеќе од една деценија. Таа го истакна нивното денешно пријателство и неговата поддршка.

„Сакам да му се заблагодарам на човекот кој некогаш беше мој партнер, а денес е мој голем пријател. На мојата сродна душа. Антонио де ла Руа, ти благодарам. Ти благодарам за пријателството“, порача пејачката.

Де ла Руа бил вклучен и во создавањето и организацијата на проектот „Макондо парк“, кој беше домаќин на концертите.

Завршната вечер во Мадрид, покрај музичкиот спектакл, така доби и лична димензија: Шакира отворено зборуваше за тешкотиите надвор од сцената и за поддршката што ѝ помогнала да го помине тој период.

Share
Scroll to Top