СДСМ: Без табуа, младите заслужуваат предмет каде ќе се учи на здравствени навики и сексуално образование

СДСМ: Без табуа, младите заслужуваат предмет каде ќе се учи на здравствени навики и сексуално образование

пред 2 часа

На младинската трибина на СДММ „Без табуа, со знаење – младите и сексуалното образование“, учесниците порачаа дека младите имаат право на научно засновани информации, здравствена заштита и образование што ќе им помогне да носат одговорни одлуки и да градат здрави и ненасилни односи.

На трибината се обратија претседателот на СДСМ, Венко Филипче, Ана Данева, претседателка на Комисијата за здравство на СДСМ и гинеколог, Даниела Николова, пратеничка и членка на Комисијата за образование и наука, Стефан Васев, член на Комисијата за труд и социјална политика и член на Европската асоцијација на сексолози, и Стефанија Кузмановска, претседателка на СДММ.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, порача дека образованието мора да се темели на научно засновани факти и да им обезбеди на младите квалитетно знаење и соодветна институционална поддршка, посочувајќи дека денес Владата наметнува политики спротивни на потребите на младите и го ограничува нивниот пристап до едукација за здравјето, психофизичкиот развој и градењето здрави меѓучовечки односи.

„Образовниот систем мора да се темели на знаење, наука и факти а младите имаат право на квалитетно образование и институционална поддршка. За жал, денес имаме Влада која, како и сè друго во државата, го узурпираше и образовниот систем, креирајќи политики спротивни на потребите на младите и ограничувајќи го нивниот пристап до едукација за теми од значење за нивното здравје, правилниот психофизички развој и градењето здрави и одговорни меѓучовечки односи. Образованието е важен дел од здравствената превенција и им помага на младите да го разбираат сопственото здравје, да препознаваат ризици и да носат одговорни одлуки“, рече Филипче.

Данева се осврна на здравствените придобивки од сексуалното образование, особено во превенцијата на несакани бремености и сексуално преносливи инфекции, како и во развивањето здрави навики и одговорен однос кон сопственото тело. „Сексуалното образование е важен дел од здравствената превенција. Младите треба да имаат точни медицински информации за сопственото тело, репродуктивното здравје и начините на заштита, за да можат навремено и одговорно да се грижат за своето здравје“, истакна Данева.

Даниела Николова ја истакна потребата сексуалното образование да биде дел од образовниот систем, нагласувајќи дека неговата цел е младите да развијат самосвест, критичко размислување и почитување на сопствените и туѓите граници. „Сократовото ‘Спознај се самиот себеси’ нè потсетува дека не можеме свесно да управуваме со сопствениот живот ако не ги разбираме своите мотиви, чувства и граници. Сексуалното образование не треба да им диктира на младите кога, како и со кого да живеат, туку да им помогне да се спознаат себеси и да знаат што можат да очекуваат од другите“, посочи Николова.

Стефан Васев презентираше податоци за малолетничките бремености и раните бракови, посочувајќи дека Македонија мора посериозно да се посвети на превенцијата и сексуалната едукација. „Според податоците што ги презентираме, стапката на малолетнички бремености во Македонија за 2024 година изнесува 15,7 на 1.000, наспроти европски просек од околу 6 на 1.000. Особено загрижувачки е податокот за евидентиран абортус кај девојка на само 13 години. Овие бројки се сериозно предупредување дека младите имаат потреба од навремено образование, проверени информации и институционална поддршка“, истакна Васев.

Тој посочи дека во повеќе европски земји сексуалното образование е задолжително или интегрирано во образовните програми и нагласи дека Македонија треба да ги следи научните сознанија и позитивните практики.

Стефанија Кузмановска, претседателка на СДММ, ја потврди определбата на младите социјалдемократи за образование што ќе им овозможи на младите да ја разбираат сопствената сексуалност, да препознаваат ризици и да градат безбедни односи засновани врз почитување. „Младите заслужуваат образование што ќе им даде знаење, самодоверба и вештини за одговорно донесување одлуки. Не смееме да ги оставиме без одговори на прашања што директно влијаат врз нивното здравје, безбедност и иднина. Наместо табуа и предрасуди, потребни се знаење и поддршка“, порача Кузмановска.

Од трибината беше упатен повик до Министерството за образование и наука да продолжи со концептот за воведување сексуално образование, а не да го попречува патот кон знаењето. Ако навистина сакаме да излеземе од темнината на незнаењето, мора да им овозможиме на младите пристап до образование засновано врз наука, факти и почитување. Без табуа, со знаење.

Текстот СДСМ: Без табуа, младите заслужуваат предмет каде ќе се учи на здравствени навики и сексуално образование е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top