Романија денес доби нова влада откако парламентот на земјата гласаше за кабинетот предложен од премиерот Лука Никулеску, беше објавено по заедничката седница на Претставничкиот дом и Сенатот. 280 пратеници гласаа за изборот на владата на Лука Никулеску. Никулеску, откако парламентот ја поддржа неговата влада, рече дека Романија излегува од шестмесечна политичка криза и дека новата влада ќе почне веднаш да работи, објавува „Digi24“.
Тој објави дека првата седница на новата влада ќе се одржи веќе вечерва.
Неговиот кабинет доби значително повеќе од 233 гласови потребни за избор на влада.
„Го примив ова гласање со емоции и одговорност. Му благодарам на парламентот за довербата, како и на Социјалдемократската партија (ПСД), Националната либерална партија (ПНЛ), Демократскиот сојуз на Унгарците во Романија (УДМР), претставниците на националните малцинства и пратениците кои гласаа за оваа влада“, рече Никулеску во својата прва изјава по гласањето.
Тој оцени дека гласањето е важен момент за Романија, посочувајќи дека земјата „излегува од шестмесечна криза“ и дека владата мора веднаш да почне да работи.
„Приоритетите се познати. Романија повеќе не може да чека“, рече премиерот.
Никулеску ги посочи последиците од повеќемесечниот политички ќорсокак, наведувајќи дека граѓаните ги чувствуваат неговите последици преку законите, растот на невработеноста, економската состојба и геополитичките трендови.
„Романија сега има влада со полни овластувања. Веднаш почнуваме да работиме, иако доаѓаме од различни средини и со различно искуство. Некои се политичари со долгогодишно искуство, додека други се независни и доаѓаат од академскиот и уметничкиот свет. Ќе формираме тим и ќе работиме заедно“, рече романскиот премиер.
Текстот Романија доби нова влада: Парламентот гласаше за кабинетот на Никулеску е превземен од МАКФАКС.





