Предизборната кампања во Израел ескалира: Кандидатите користат навреди и видеа создадени со вештачка интелигенција

Предизборната кампања во Израел ескалира: Кандидатите користат навреди и видеа создадени со вештачка интелигенција

пред 2 часа

Во деновите пред неизвесните избори во Израел, предизборната кампања влезе во жестока фаза, обележана со провокации и запаливи напади врз кандидатите, кои сè почесто ги преминуваат границите на пристојноста.

Поттикнати, меѓу другото, и од наглиот пораст на слики и видеа создадени со вештачка интелигенција (ВИ) што ги преплавуваат социјалните мрежи, кандидатите и активистите се обидуваат да ги прикажат политичките противници како слаби, недоверливи или штетни за земјата. Притоа, користат стереотипи и стравови за да влијаат врз јавното мислење.

Анкетите најавуваат неизвесни избори

Предизборната борба повремено се претвора во лични напади. Во кампањата се вклучени дури и трагедиите на кандидати кои ги загубиле блиските во судирите поврзани со нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година.

Пред гласањето во вторник, анкетите покажуваат дека блокот на премиерот Бенјамин Нетанјаху и блокот на неговиот главен ривал од централно-десниот политички спектар, Гади Ајзенкот, имаат речиси изедначена поддршка.

Во средата, Ајзенкот објави видео на платформата Икс во кое му го честита 77. роденден на Нетанјаху. Во видеото се појавуваат повеќе ликови создадени со вештачка интелигенција, меѓу кои и припадник на Хамас кој зборува од тунел.

„Што да му посакам на човекот кој нè штити веќе 20 години?“, прашува милитантот, алудирајќи на теориите според кои премиерот намерно му помогнал на исламистичкото движење да ја задржи власта во Газа. Нетанјаху категорично ги отфрла ваквите обвинувања.

Потоа се појавува и лик на иранскиот врховен лидер Моџтаба Хамнеи, создаден со вештачка интелигенција, кој му вели на Нетанјаху: „Уште една рунда без победа и ќе ти подарам бомба“.

И Нетанјаху интензивно користи содржини создадени со вештачка интелигенција за напади врз својот политички противник.

Провокации со вештачка интелигенција

Во јули, Нетанјаху објави видео на кое Ајзенкот одбива да прегрне млад човек со маица на која пишува „Израелско единство“, а наместо тоа го прегрнува арапско-израелскиот кандидат Мансур Абас.

Видеото предизвика остри реакции поради тврдењата дека младиот човек намерно бил прикажан така што наликува на синот на Ајзенкот, кој загина во борбите во Газа во 2023 година. Партијата на Нетанјаху ги негираше овие тврдења.

Во интервју емитувано на телевизискиот канал 13, Ајзенкот изјави дека, откако го погледнал видеото, почувствувал „длабок презир кон Нетанјаху и неговото опкружување“.

Таборот на Нетанјаху во текот на кампањата користи содржини создадени со вештачка интелигенција за да ги поттикне стравувањата од можна опозициска коалиција во која би учествувале и арапско-израелски партии.

Видеата прикажуваат различни сценарија – од еврејски опозициски политичари кои ги симнуваат маските и откриваат арапско-израелски кандидати, до сцени во кои Арапи се надвиснуваат над зградата на парламентот, која изгледа како да се урива.

Низ земјата се појавија и плакати на партијата Ликуд на Нетанјаху со натпис „Десницата или Палестина“, покрај фотографии од арапско-израелски политичари.

„Станува збор за поттикнување омраза, особено од таборот на премиерот Нетанјаху“, изјави Тхаир Абу Рас, раководител на Форумот за регионални перспективи при Институтот „Ван Лир“ во Ерусалим.

„Самата идеја за вклучување арапска партија во коалиција е неприфатлива за десницата, а тие се обидуваат таквиот начин на размислување да ѝ го наметнат и на коалицијата околу Ајзенкот“, изјави тој за АФП.

Ајзенкот, син на марокански Евреи, се соочи и со коментари кои, според оценките, имале расна конотација.

Овој месец, познат коментатор на телевизискиот канал 14, кој го поддржува Нетанјаху, го нарече „мајмун“.

Иако тој израз на хебрејски не мора нужно да претставува расна навреда, коментарот предизвика остри осуди од опозициски политичари, па дури и од самиот Нетанјаху.

Ова се првите избори по нападот на Хамас во октомври 2023 година. Меѓу кандидатите има луѓе чии животи биле променети тој ден или во војните што следуваа, но ниту траумите ниту загубата на блиски не ги поштедиле од лични напади.

Лали Дераи, чиј син загинал борејќи се во Газа во 2024 година, се кандидира од новата крајнодесничарска партија „Амха Израел“. Партијата се залага за задолжителна воена служба во израелската армија – прашање што станува сè поспорно поради исклучоците што важат за учениците во верските училишта.

Дераи тврди дека е изложена на координирана кампања за оцрнување, во која смртта на нејзиниот син повремено се споменува заедно со обвинувања дека го предава неговото сеќавање.

Во околината на населбата на окупираниот Западен Брег каде што живее, се појавиле плакати со повици да ја повлече кандидатурата за да не ја „доведе земјата во опасност“.

„Се обидуваат да ме скршат, но, парадоксално или не, оваа кампања само ме зацврсти во одлуката да влезам во политиката, токму за да ставам крај на таквата реторика исполнета со омраза“, изјави таа за АФП.

„Или ние или тие“

Во разговор за јавниот сервис КАН, Дераи раскажа дека добивала „телефонски повици во секое време од денот и ноќта, читала одвратни коментари на социјалните мрежи и гледала плакати во нашите населени места, дури и во близина на училишните автобуси на нашите деца – сето тоа само затоа што се осмеливме да предложиме нешто ново“.

На мета на напади се најдоа и членови на семејствата на заложниците што претходно ги држеше Хамас во заробеништво.

Во неофицијална група на Фејсбук наменета за поддржувачите на Ликуд на Нетанјаху, во вторникот беше објавена слика на која се споредуваат две мајки чии деца биле меѓу заложниците.

Едната, Талик Гвили, кандидатка на Ликуд, е прикажана смирена, со израелското знаме во позадина. Другата, Еинав Зангаукер, гласна критичарка на Нетанјаху, е прикажана вознемирена, опкружена со демонстранти обоени во црвено.

„Или ние или тие“, стои во описот на објавата.

Текстот Предизборната кампања во Израел ескалира: Кандидатите користат навреди и видеа создадени со вештачка интелигенција е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top