(Видео) Серафимовска Борозан: Следуваат нови поскапувања додека Мицкоски ги одбива сите мерки за поголеми плати и помош на граѓаните

(Видео) Серафимовска Борозан: Следуваат нови поскапувања додека Мицкоски ги одбива сите мерки за поголеми плати и помош на граѓаните

пред 3 часа

„Секој нов месец има нови поскапувања. Од наредната година се најавуваат и нови покачувања на струјата и парното. Во Европа се предупредува на нов удар поради раст на трошоците за енергија. Многу земји веќе преземаат мерки, само Владата на Мицкоски не прави ништо“, изјави Маја Серафимовска Борозан на денешната прес-конференција на СДСМ.

Таа обвини дека Владата цела година ги оставила граѓаните сами да се справуваат со растот на цените, одбивајќи ги мерките што СДСМ ги предложил на почетокот на кризата.

„Трошоците за живот за македонските граѓани од јануари досега се зголемени за 4.000 денари. Во октомври синдикалната минимална кошничка е над 70.000 денари, а со кирија за стан од 60 квадратни метри изнесува речиси 90.000 денари. Ниту три плати не се доволни да се покријат основните животни трошоци“, рече Серафимовска Борозан.

Според неа, работниците не можат да ги покријат основните потреби со своите примања, бидејќи платите не го следат растот на цените.

„Македонскиот работник работи цел месец, а платата не му стигнува да преживее. Затоа има најниска плата во Европа. Платите не ги следат поскапувањата, а стандардот е на ниво на една третина од стандардот во ЕУ. Не трета економија во Европа, туку една третина“, изјави таа.

Серафимовска Борозан се повика и на економски истражувања според кои на Македонија би ѝ биле потребни 52 години за да го достигне просекот на Европската Унија во благосостојбата.

Од СДСМ посочуваат дека околу 180.000 работници земаат плати пониски од 31.200 денари месечно, додека минималната плата останува на околу 26.000 денари. Партијата ја обвинува Владата дека ги одбила нивните предлози за зголемување на минималната плата на 600 евра и за дополнителни мерки за заштита на животниот стандард.

„Ја одби секоја мерка на СДСМ за помош на граѓаните. Одби 600 евра минимална плата, ги одби мерките за заштита на животниот стандард. И во новиот ребаланс нема повисока минимална плата, нема 600 евра за работниците, нема мерки, нема помош за земјоделците“, рече Серафимовска Борозан.

Таа упати критики и за задолжувањето, тврдејќи дека јавниот долг е зголемен за четири милијарди евра за само две години.

„Има долгови, високи камати, а сметката ќе ја плаќаат граѓаните и идните генерации. За четири милијарди евра Мицкоски го зголеми долгот за само две години, колку половина од вкупниот долг во изминатите 30 години“, изјави претставничката на СДСМ.

Таа ја обвини Владата дека наместо да го подобрува животниот стандард, продолжува со задолжувања и ребаланси на буџетот, без конкретна помош за граѓаните.

„Арамиски ја троши државната каса. Трупа долг врз долг и прави ребаланс на ребалансот – не за граѓаните, туку за криминални партиски тендери“, рече Серафимовска Борозан.

Текстот (Видео) Серафимовска Борозан: Следуваат нови поскапувања додека Мицкоски ги одбива сите мерки за поголеми плати и помош на граѓаните е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top