Пензионер заборавил ранец со 100.000 евра во воз во Виена, парите му се вратени

Пензионер заборавил ранец со 100.000 евра во воз во Виена, парите му се вратени

пред 2 часа

Германски пензионер заборавил ранец со неверојатни 100.000 евра во воз на Главната железничка станица во Виена, но благодарение на банкарските документи што ги имало во него, службите успеале да го пронајдат сопственикот и да му ги вратат парите.

Пензионерот, кој бил во транзит низ австриската престолнина, планирал да ги искористи парите како учество за купување недвижен имот. Ранецот бил пронајден и предаден во виенската Служба за изгубени предмети, позната како МА 48.

Банкарските документи што се наоѓале во ранецот им помогнале на вработените да го идентификуваат сопственикот, кој потоа дошол да си ги подигне парите.

„Се разбира, беше исклучително благодарен и пресреќен кога дојде по своите пари“, изјавила Сандра Холцингер, портпаролка на службата.

Годишно се губат илјадници торби и паричници

Виенската Служба за изгубени предмети годишно прима околу 126.000 предмети. Покрај вообичаените загубени телефони, паричници и клучеви, кај нив завршуваат и необични предмети, како забни протези, маски инспирирани од филмови и музички инструменти.

Во 2025 година, повеќе од 57.000 предмети им биле вратени на сопствениците. Меѓу нив имало околу 19.000 паричници, 7.100 торби и 10.000 мобилни телефони.

Раководителката на службата, Емсада Курбеговиќ, за „Сервус ТВ“ раскажала дека некои жители на Виена ги губат дури и забните протези, а потоа доаѓаат да си ги побараат.

„Сè што е ново на пазарот, на крајот завршува кај нас“, рекла таа низ смеа.

Изгубените предмети се чуваат седум месеци

Предметите се чуваат седум месеци, во текот на кои сопствениците можат да ги побараат преку интернет-платформата fundamt.gv.at или лично во службата во Виена.

По истекот на рокот, предметите што можат повторно да се користат се продаваат во продавницата „48er-Tandler“, а приходите се наменуваат за хуманитарни цели. Накитот и другите вредни предмети се продаваат на аукции преку аукциската куќа „Доротеум“.

Во текот на 2025 година, службата ја посетиле лично повеќе од 40.000 луѓе. Вработените често мораат да спроведат вистинска мала истрага за да ги пронајдат сопствениците, користејќи документи, имиња и други траги.

Граѓаните што изгубиле предмет во Виена можат да поднесат пријава преку интернет-платформата, додека пронајдените предмети може да се остават во една од стоте црвени кутии поставени низ градот. Вредните предмети мора да се предадат лично за да може да се остварат евентуалните права на награда или сопственост.

Текстот Пензионер заборавил ранец со 100.000 евра во воз во Виена, парите му се вратени е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top