Вкупно 180 проекти, над 10 километри обновени и новоизградени улици и патишта, инвестиции во училишта, спортски објекти и нови градинки со капацитет за повеќе од 470 деца. Ова се дел од резултатите што ги претстави градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, во отчетот за првата година од својот втор мандат.
На 17. седница на Советот на Општина Битола, Коњановски ги презентираше реализираните и тековните проекти, како и плановите за понатамошен развој на градот.
Во пресрет на 4 Ноември, Денот на ослободувањето на Битола, градоначалникот порача дека развојот на општината се темели на континуирани инвестиции во инфраструктурата, образованието, спортот и подобрувањето на условите за живот.
Од 180 проекти, 34 проценти се веќе завршени
Според податоците што ги презентираше Коњановски, од вкупно 180 проекти, 34 проценти се целосно завршени, 27 проценти се во фаза на реализација, за 17 проценти се потпишани договори, додека за преостанатите 22 проценти подготвителните постапки се во завршна фаза.
„За општина со 85.164 жители и 65 села, секогаш има многу што да се направи, но бројката од 180 проекти кои ја одбележуваат изминатата една година потврдува дека оваа локална самоуправа, професионално и посветено, дејствува во вистинска насока“, истакна Коњановски.
Нови улици, паркинзи и водоводна мрежа
Значаен дел од општинските активности се насочени кон подобрување на патната и комуналната инфраструктура.
Во изминатиот период, според отчетот, се обновени и изградени над 10 километри улици и патишта во градот и населените места, а инвестициите опфатиле и повеќе од три километри водоводна и канализациска мрежа.
Меѓу позначајните проекти Коњановски ги издвои булеварскиот влез во Битола од правец на Прилеп, улицата „СТУ 3“ со 100 паркинг-места, паркингот на улицата „Браќа Џаферови“ со капацитет за 25 возила, како и новиот паркинг-простор на „СТУ 9“ во АРМ четврт 3 со повеќе од 70 места.
Во отчетот беа споменати и реконструкцијата на улицата „Маркс и Енгелс“, асфалтирањето повеќе градски улици и инфраструктурните зафати во Братиндол, Трн, Ротино, Барешани, Карамани, Раштани и Буково.
За идното уредување на плоштадот „Гоце Делчев“, градоначалникот најави дека решението ќе се бара преку граѓански форум, со вклучување на мислењата и предлозите на битолчани.
Над 310 милиони денари за спортска инфраструктура
Посебен акцент во отчетот беше ставен на вложувањата во спортот.
Според Коњановски, проектите опфаќаат изградба и реконструкција на 24 училишни спортски терени и четири типски спортски сали, од кои дел се завршени, а дел се во тек.
Боксерската сала е во завршна фаза, додека во Бистрица се работи на пренамена на досега нефункционален објект во мултифункционален простор.
Вкупната вредност на инвестициите во спортската инфраструктура, според презентираните податоци, изнесува 310.412.172 денари.
Подобри услови во училиштата
Инвестициите во образованието опфаќаат реконструкции, енергетска ефикасност и подобрување на условите за учениците и наставниот кадар.
Меѓу проектите се поставувањето топлински пумпи и енергетски ефикасна фасада во ОУ „Стив Наумов“, изградбата на новата училишна зграда во Буковски Ливади и реконструкцијата на училиштето во Крклино.
Дополнителни вложувања се реализираат и во ОУ „Елпида Караманди“, ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ и СОУ „Таки Даскало“.
Целта, како што посочи градоначалникот, е учениците да добијат посовремени и поквалитетни услови за образование.
Новите градинки ќе обезбедат над 470 места за деца
Еден од приоритетите на локалната самоуправа е и проширувањето на капацитетите за згрижување деца.
Според отчетот, новите градинки во Битола ќе обезбедат повеќе од 470 места.
Градинката „Пчеличка“ веќе е отворена, завршена е изградбата на новата градинка кај ОУ „Климент Охридски“, а продолжуваат и активностите за градинката во населбата АРМ.
Коњановски најави дека со ставањето во функција на градинката во АРМ, во текот на следната година се очекува листата на чекање да се намали за 246 деца.
Нова противпожарна зграда со поддршка од САД
Во отчетот беше опфатена и изградбата на новата противпожарна зграда.
За овој проект Општина Битола досега вложила над 52 милиони денари, со што објектот е доведен до карабина со поставена дограма.
За втората фаза, која предвидува внатрешно опремување, обезбеден е грант од Министерството за одбрана на Соединетите Американски Држави во вредност од еден милион долари.
Со реализацијата на проектот се очекува значително подобрување на условите за работа на противпожарната служба.
Нови инвестиции и планови за развој на Пелистер
Во делот на економскиот развој, Коњановски ги посочи отворањето на фабриката „Брејнчајлд производство“ и поставувањето камен-темелник на вториот маркет „Лидл“.
Како важен проект за иднината на туризмот беше издвоена и изработката на физибилити-студија за изградба на гондола на Пелистер.
Целта е да се испитаат можностите за развој на планината како туристичка дестинација што ќе привлекува посетители во текот на целата година.
Градоначалникот се осврна и на културните активности, посочувајќи дека настаните организирани во последните десет месеци привлекле повеќе од 100.000 посетители.
За поддршка на културата, преку општинската програма се обезбедуваат околу 45 милиони денари.
Коњановски: Предизвици има уште многу, но Битола мора да напредува
На крајот од отчетот, градоначалникот им се заблагодари на советниците, општинската администрација и граѓаните за соработката, нагласувајќи дека предлозите на битолчани ќе бидат земени предвид и при подготовката на буџетот за 2027 година.
„Предизвици има уште многу, а нивното решавање е можно само со посветена работа, конструктивна соработка и љубов кон градот кој мора да напредува во секоја област“, порача Коњановски.
Според презентираниот отчет, во првата година од вториот мандат најголемиот дел од активностите биле насочени кон инфраструктурата, образованието, детската заштита и спортот, додека дел од најавените проекти допрва треба да бидат завршени.






