СДСМ бара Народната банка да изврши итна контрола во Алта банка во Битола и да ги преземе сите законски мерки за заштита на депозитите, откако Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта банка во Белград поради значително влошување на финансиската состојба и ликвидноста. Од СДСМ обвинуваат дека јавни претпријатија, министерства и компании поврзани со тендери во Македонија биле насочувани да работат со банката, а за состојбата политичка одговорност им припишуваат на премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.
Во соопштението на СДСМ се наведува дека само еден ден пред одземањето на дозволата, институциите уверувале дека состојбата со банката е редовна.
Според податоците на Народната банка на Србија, на 30 јуни 2026 година граѓаните, стопанството и другите клиенти во банката имале депонирано 172 милијарди динари, односно околу 1,47 милијарди евра.
Од СДСМ тврдат дека повлекувањето на парите започнало уште во вторник, а за еден ден блокадата достигнала една милијарда динари. Во партиското соопштение се изнесуваат и тврдења дека сопственикот Давор Мацура подигнал 37 милиони евра во готовина од трезорот со дозвола на гувернерот, како и дека недостигале околу 20 отсто од депозитите.
Партијата наведува дека во текот на ноќта дошло до несогласувања меѓу гувернерот и вицегувернерите, кои го напуштиле состанокот, по што во банката влегол „Еуроџаст“. Овие наводи се дел од соопштението на СДСМ.
Според партијата, во Алта банка биле префрлани средства од јавни претпријатија како ЕПС, „Телеком Србија“, „Србијагас“ и „Ер Србија“, како и од општини и државни институции, по налог на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Од СДСМ тврдат дека сличен модел бил применет и во Македонија, каде што, како што наведуваат, јавни претпријатија, министерства и компании што учествувале во тендери биле насочувани да работат со Алта банка.
Во соопштението се посочува и Битола, за која партијата тврди дека во голема мера е поврзана со работењето на банката и дека граѓани чекале во редици за повлекување пари. Според СДСМ, банката го скратила работното време поради зголемените гужви за подигање средства и затворање сметки.
СДСМ наведува дека Алта банка АД Битола е во речиси целосна сопственост на српската централа и оценува дека последиците од одземањето на дозволата на матичната банка може да се одразат и врз работењето на банката во Македонија.
Во соопштението се посочува дека депозитите на физичките лица се осигурени до 30.000 евра, додека депозитите на јавните претпријатија, министерствата и компаниите поврзани со тендери не се заштитени на ист начин.
Од СДСМ политичка и институционална одговорност им припишуваат на Мицкоски и Славески, тврдејќи дека тие го одобриле влезот на банката во Македонија и покрај, како што наведуваат, претходните јавни предупредувања за контроверзноста на групацијата и нејзините политички врски.
Партијата реагира и на вчерашната изјава на гувернерот Славески дека префрлањето големи суми пари меѓу државите е нормална банкарска операција, оценувајќи дека најновите случувања отвораат прашања за таквите трансакции.
Од СДСМ бараат Народната банка уште денеска да испрати контрола во Алта банка АД Битола, да ги суспендира гласачките права на сопственикот и да ги преземе сите законски мерки за заштита на депозитите на државата и јавните претпријатија.
Од партијата бараат и обвинителството да отвори постапка против Мицкоски, гувернерот Славески и сите лица кои, според нив, учествувале во процесите поврзани со банката.
„Ова не е технички проблем, туку систем за перење пари стекнати со криминал и корупција“, наведуваат од СДСМ во соопштението.
Во реакцијата, партијата оценува дека „пандорината кутија е отворена“ и дека последиците од случувањата во Србија ќе продолжат да се чувствуваат и во регионот.
Во меѓувреме, Народната банка на Македонија соопшти дека одземањето на дозволата за работа на Алта банка во Белград не значи автоматско одземање на дозволата на Алта банка АД Битола. Од Централната банка посочуваат дека станува збор за независно правно лице регистрирано во Македонија, чие работење се оценува според домашната законска и регулаторна рамка. Институцијата информира и дека внимателно ја следи состојбата, вклучително и ризиците што произлегуваат од сопственичките поврзаности.
И од Алта банка АД Битола соопштија дека банката е ликвидна, дека работи редовно и дека клиентите имаат непречен пристап до своите средства.
Народната банка на Србија официјално потврди дека дозволата на Алта банка АД Белград е одземена поради значително влошување на финансиската состојба и ризик за ликвидноста, со цел заштита на интересите на штедачите и стабилноста на финансискиот систем.
Текстот СДСМ бара итна контрола во Алта банка во Битола по одземањето на дозволата на матичната банка во Србија е превземен од МАКФАКС.





