Продлабочување на економската соработка, привлекување нови инвестиции и отворање дополнителни работни места биле главните теми на бизнис-средбата што владината делегација, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, ја одржала со претставници на германски компании од Северна Рајна-Вестфалија кои веќе се присутни на македонскиот пазар.
Како што информираше вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, разговорите биле насочени кон можностите за проширување на постојните инвестиции, реализација на нови проекти и дополнително зајакнување на економските врски меѓу Македонија и Германија.
Посебно внимание било посветено на инфраструктурниот развој и капиталните инвестиции, кои Владата ги посочува како значајни предуслови за економски раст, подобрување на деловната клима и зголемување на конкурентноста на македонската економија.
Николоски ја нагласил важноста на Германија како еден од клучните економски партнери на Македонија, истакнувајќи дека соработката со германските компании претставува можност за отворање нови работни места, трансфер на знаење и технологии и долгорочен економски развој.
Според него, Владата останува посветена на создавање стабилна, предвидлива и поволна инвестициска клима, со цел Македонија да ја зацврсти својата позиција како атрактивна дестинација за странски инвестиции.
Средбата е дел од напорите за интензивирање на економската соработка со германските инвеститори и поттикнување нови вложувања во македонското стопанство.






