Повеќе патнички авиони во Европа денеска биле пренасочени или подложени на дополнителни безбедносни проверки по серија дојави за поставени бомби. Инцидентите зафатија летови кон Франција, Италија, Бугарија, Белгија и други европски земји, пренесуваат „Гардијан“ и украинскиот портал НВ.
Авион на компанијата „Ер Лингус“, кој летал од Даблин кон Рим, бил пренасочен кон воена воздухопловна база во францускиот град Евре. Леталото безбедно слетало, а 151 патник и шест членови на екипажот биле евакуирани.
Дојави за бомби биле испратени и за три авиони на „Рајанер“ што летале кон Бугарија. Два авиона, од Мадрид и Копенхаген, слетале во Софија, додека авионот од Лондон бил пренасочен кон Пловдив.
Меѓу погодените летови биле и авион на полската компанија ЛОТ од Варшава кон Брисел, авион на „Виз ер“ од Милано кон Варшава, кој бил пренасочен кон Виена, како и два лета на „Финер“ од Хелсинки кон Рим и Виена.
Чешките власти добиле закани и за најмалку четири авиони што летале кон Прага.
Засега нема информации дека во некој од проверените авиони бил пронајден експлозив. Полската авиокомпанија ЛОТ потврди дека при проверката на нејзиниот авион не биле откриени сомнителни предмети.
Слични инциденти беа регистрирани и во вторникот, кога повеќе летови кон Полска, Шпанија, Италија и Бугарија добија дојави за бомби. Сите авиони безбедно слетале, а проверките не откриле експлозивни направи.
Британската влада ги опиша претходните инциденти како „злонамерни лажни закани“.
Текстот Серија дојави за бомби во авиони низ Европа, повеќе летови пренасочени е превземен од МАКФАКС.




