ЈП ЖРСМ Инфраструктура – Скопје презема конкретни мерки за надминување на долгогодишните проблеми во работењето, утврдени во ревизорскиот извештај за 2024 година. Од претпријатието посочуваат дека веќе се спроведуваат активности за уредување на имотната евиденција, подобрување на финансиското управување и забрзување на инфраструктурните проекти, со цел воспоставување поефикасен и поодговорен систем на работење.
Реагирајќи на наодите на Државниот завод за ревизија, од ЖРСМ Инфраструктура нагласуваат дека голем дел од утврдените неправилности се резултат на состојби наследени од претходните години, а одредени проблеми се наталожувале со децении.
Ревизорскиот извештај опфаќа повеќе сегменти од работењето, меѓу кои управувањето со имотот, реализацијата на инфраструктурните проекти, финансиското и материјалното работење, како и организациските и кадровските прашања.
„За поголем дел од утврдените состојби веќе се донесени акти, започнати се постапки или се постигнати резултати што можат да се потврдат со документација“, наведуваат од претпријатието.
Еден од приоритетите е конечното уредување на имотно-правните односи поврзани со железничката инфраструктура. Во таа насока, интензивирани се постапките за евидентирање и правно регулирање на железничките објекти и земјиштето под пругите.
Од ЖРСМ Инфраструктура информираат дека најголемиот дел од потребната геодетска документација е веќе изготвен, а пред надлежните институции се започнати постапки за запишување на имотот.
Паралелно се преземаат мерки за подобрување на финансиската дисциплина и контролата врз материјалните средства. Донесени се нови процедури за управување со залихите, воведени се нови сметководствени политики и воспоставени се дополнителни контролни механизми.
Како дел од активностите за поефикасно користење на расположливите ресурси, претпријатието започнало да употребува и дел од залихите што потекнуваат уште од деведесеттите години, кои сега се користат за одржување на железничката инфраструктура.
Значителен напредок, според претпријатието, е постигнат и во изградбата на железничката делница Бељаковце – Крива Паланка, како дел од Коридорот 8. Вкупната физичка реализација на проектот достигнала 45 проценти, а по решавањето на дел од техничките и проектантските прашања е зголемена динамиката на градежните активности.
Од ЖРСМ Инфраструктура наведуваат дека во текот на 2026 година е забележан месечен напредок од над два процента, што го оценуваат како рекордна динамика на реализација на проектот.
На терен, изведувачот има ангажирано повеќе од 650 работници, што, според претпријатието, придонесува за забрзување на изградбата на оваа значајна железничка делница.
Покрај инфраструктурните инвестиции, активности се преземаат и за подобрување на кадровската состојба и обезбедување услови за непречено и безбедно одвивање на железничкиот сообраќај.
Во таа насока, донесен е и петгодишен план за одржување на железничката инфраструктура, со кој треба да се обезбеди подобро планирање на потребните интервенции, поефикасно користење на средствата и поголема предвидливост во работењето.
Од претпријатието признаваат дека дел од проблемите сè уште не се целосно решени и дека за нивно надминување ќе бидат потребни дополнително време, институционална координација и континуирана работа.
Сепак, нагласуваат дека спроведувањето на препораките на Државниот завод за ревизија останува еден од главните приоритети.
„ЖРСМ Инфраструктура ќе продолжи со активностите за надминување на наследените состојби, со посебен акцент на безбедноста на железничкиот сообраќај, одговорното користење на ресурсите и ефикасното управување со јавните средства“, е пораката што ја упатуваат од претпријатието.
Од ЖРСМ Инфраструктура очекуваат преземените мерки постепено да придонесат за подобрување на работењето, поефикасно одржување на постојната железничка мрежа и побрза реализација на стратешките инфраструктурни проекти.






